• петок, 22 ноември 2024

Втора Конференција за недвижности во организација на ФОРТОНМКА

Втора Конференција за недвижности во организација на ФОРТОНМКА

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) - Втората Конференција за комерцијални недвижности, во организација на ФОРТОНМКА ќе се одржи денеска во Скопје, на која локални и меѓународни професионалци ќе дебатираат за најновите трендови и предизвици со кои се соочува индустријата за комерцијални недвижности.

Целта на конференцијата, како што наведува организаторот, е да овозможи квалитетна платформа за дијалог и размена на идеи и концепти преку јавна дебата, со цел да се најдат одговори за важните прашања на пазарот на недвижности.

Конференцијата и оваа година има богата програма, составена од шест панели на кои ќе бидат изложени различни теми на кои сопствениците и претставниците на најголемите компании учесници во создавањето на пазарот на недвижности од земјaта и регионот ќе разговараат за најактуелните проблематики што ја опкружуваат индустријата на комерцијални недвижности.

Најавено е воведно обраќање на Катарина Николов, партнер и извршен директор на ФОРТОНМКА, по што ќе следуваат панели на теми: финансирање на инвестициите во комерцијален недвижен имот, урбанизација и урбанистичко планирање, инвестиции во хотелски капацитети, бизнис згради и сектор малопродажба, на која ќе биде поттикната дискусија за различните формати за малопродажба со цел да се одговори на потребите на заедницата. Конференцијата ќе заврши со последниот панел под наслов „Пазар на станбен простор“, кој ќе отвори дебата за постоечките услови на пазарот на недвижности и за потенцијалните промени кои доаѓаат. 

Конференцијата за комерцијални недвижности е во организација на ФОРТОНМКА, компанија која е стратешки партнер на Cushman & Wakefield, најголемата светска компанија за советодавни услуги во областа на комерцијални недвижности. Присутните на Конференцијата ќе добијат шанса да се запознаат со водечки експерти, да се вмрежат со инвеститори и компании, но и да добијат инсајдерски информации кои можат значително да влијаат на инвестициските стратегии и управувањето со недвижностите во иднина, наведува организаторот во соопштението. вг/аа/

Фото: Фортонмка

Остани поврзан