Врховниот суд на САД дозволи масовни отпуштања во Министерството за образование
- Со шест гласови „за“ и три „против“, Судот ја поддржа жалбата на администрацијата на Трамп за суспендирање на наредбата на окружниот суд, која бараше враќање на работа на околу 1.400 отпуштени вработени.
Вашингтон, 15 јули 2025 (МИА) – Врховниот суд на САД денеска ја укина привремената забрана од понискиот суд и одобри спроведување на масовни отпуштања во Министерството за образование, по иницијатива на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Со шест гласови „за“ и три „против“, Судот ја поддржа жалбата на администрацијата на Трамп за суспендирање на наредбата на окружниот суд, која бараше враќање на работа на околу 1.400 отпуштени вработени.
Одлуката овозможува продолжување на процесот на реорганизација на агенцијата додека трае правниот процес, објави Си-Би-Ес њуз.
Либералните судии се спротивставија на одлуката, а судијката Соња Сотомајор во своето издвоено мислење оцени дека судството има обврска да спречи „незаконски“ потези од извршната власт.
Трамп ја поздрави пресудата како „голема победа за родителите и учениците низ целата земја“, нагласувајќи дека федералната контрола врз образованието треба да се намали во корист на државите.
Како дел од обидите за намалување на големината на федералната влада, Трамп годинава потпиша извршна наредба со која наложи затворање на некои функции на Министерството за образование и отпуштање на 1.378 вработени – околу една третина од вкупниот кадар.
Според експерти, ако администрацијата го добие случајот, промените би можеле да имаат трајни последици врз образовниот систем во САД, но Трамп е уверен дека оваа насока е во најдобар интерес на родителите и децата. ссм/
фото: архива