• петок, 22 ноември 2024

Вработен во МВР, сведочеше во случајот „Организатори на 27 април“

Вработен во МВР, сведочеше во случајот „Организатори на 27 април“
Скопје, 7 јуни 2021 (МИА) - Вработен во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, Марјан Димовски, денеска сведочеше во случајот против „Организаторите за 27 април“, во однос на вештачењето на мобилните телефони на дел од обвинетите. - Извештајот е од 26.06.2018 година по наредба на Катица Јанева, од Специјалното јавно обвинителство. Во ноември 2020 година, не можам точно да се сетам, доставивме копија од вештачењето по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Немам лиценца за вештачење издадено од Министерството за правда, не сум регистриран во регистарот на вешти лица, изјави сведокот Димовски. Воедно, тој истакна дека негова надлежност е само да ги извади податоците од мобилните телефони, но не и разгледување на нивната содржина. По исказот на овој сведок одбраната побара да не се изведуват доказите од извештајот изготвен од Димовски, од причина дека истиот не поседува лиценца за вештачење од ваков тип. Обвинителката Рускоска, во својот говор посочи дека дека во овој случај не се работи за вешт наод и мислење, туку извештај од екстракција на мобилните телефони. Според обвинителката ова прашања треба да се разграничи. Судијата Илија Трпков, ги отфрли приговорите на одбраната и дозволи доказите од извештајот да се изведат. Судењето за овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Вилма Рускоска. Во овој предмет обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директорот на УБК Владимир Атанасовски. Според обвинението тие се осомничени за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. оџ/аа/

Остани поврзан