• вторник, 05 ноември 2024

Јакимовски за МИА: За претседател треба искуство во политиката, потребен брз прием на целиот регион во ЕУ

Јакимовски за МИА: За претседател треба искуство во политиката, потребен брз прием на целиот регион во ЕУ

Скопје, 4 април 2024 (МИА)  - Претседателската функција, како највисока и најодговорна во државата, треба да ја врши човек со искуство во политиката, достоинствен и подготвен да не попушти под каков било притисок кога се загрозени интересите на граѓаните, оценува во интервју за МИА претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.

На граѓаните им порачува дека како кандидат за претседател може да го тестираат како реагира  на притисоци. Ветува дека ќе отвора важни прашања, не би бил противник на Владата, но дека нема да значи дека ќе биде паметно се што ќе прави владиниот кабинет. Ќе се залага за промени во делегирањето на членовите на Републичкиот судски совет, во Уставниот суд, за амбасадори професионалци, за обновување на врската со дијаспората. Сегашните геополитички околности, според него, баарат брз прием на целиот регион во Европската унија. Останува на ставот да нема промена на Уставот за влез на Бугарите се додека не се затворат сите прашања за наше зачленување во ЕУ.

Циркус и обид да се помогне на оние кои ветуваат промена на Уставот преку елиминирање на тие кои пречат најмногу во тоа и кои имаат најтврди ставови. Вака Јакимовски гледа на неговото ставање на американската „црна листа“ што се случи истовремено со потврдата на неговата претседателска кандидатура. Смета дека со таа околност во претседателската трка стартува со минус шест бода, како фудбалскиот клуб Вардар кој своевремено беше казнет да влезе во следна сезона со таков стартен резултат.

-Јас сум како Вардар стартувам со минус шест бода, се сеќавате кога Вардар го казнија да настапува на наредната фудбалска сезона со минус шест бода. Секаде во секоја држава изборите се најбитното  и најчистото нешто што треба да биде. Ако имаш фер и демократски избори по сите стандарди тоа значи  дека ќе имаш мирен постизборен период. Очигледно кај нас се прави циркус и обид да се помогне на оние кои ветуваат тоа што сега го зборуваат обратно, а тоа најмногу  се однесува на Бугарскиот договор и на промена на Уставот за да влезат Бугарите во Уставот и на кратењето на тоа дека сме Македонци од 1944  година, дека нашиот јазик е бугарско наречје и дека сите револуционери се Бугари. Значи за да може таа групна жаба некој да ја голтне треба да се елиминираат оние кои најмногу им сметаат во таа работа и кои имаат најтврди ставови. Тоа се барањата од овие луѓе за да можат полесно да го направат предавството после изборите, вели Јакимовски.

Истакнува дека се залага за декриминализација во урбанизмот односно корупцијата да се намали со ослободување на сите функционери од каков било потпис. Од Западот, според него, ниту тоа не ни го дозволуваат, како што вели, „за да може да не имаат во раце, па кога сакаат да активираат кривични пријави, да измислуваат вакви листи, да се мешаат во изборни процеси“.

-Тие сакаат се што можеме да правиме за потоа да имаат потоа како да ги држат под контрола. Јас сум човек што не се држи под контрола, што не е спремен да полтронизира и што не сум спремен да ги продадам образот и достоинството за што било на светот вклучувајќи какви било закани, а впрочем ова не е што било, туку закана и грубо мешање во изборниот процес. Зошто тоа не го направија пред три или шест месеци? Што ќе им променеше да причекаат два месеца па на 9 мај ова да го направат, освен  ако не им било желба директно да се мешаат во изборниот процес во Република Македонија, истакна Јакимовски.

Според претседателскиот кандидат на ГРОМ, потребен е брз прием на цел Балкан во Европската унија со оглед дека „има сериозни предизвици, светот е пред трета светска војна и може многу лесно да се случи Македонија и цела Европа да ги зафати  воен вител“.

-Ние сметаме дека сме членка на НАТО и се е решено, но јас  одговорно тврдам дека не е се решено и дека тогаш ќе се јават оние повампирени идеи кои сме ги имале од 19 и 20 век и на Република Македонија ќе и биде потребен човек со цврст карактер, одлучен, кој може многу лесно да се случи и да биде и врховен командант, вели Јакимовски.

Според него,  цела Европа е во сериозен проблем, вклучувајќи го и нашиот стратешки партнер, се губат позициите во светот, а за жал, како што вели, јакне спротивната страна. Во вакви околности, подвлекува  Бугарија се однесува по принципот „село гори баба се чешла“.

-И кога сето тоа ќе и биде оневозможено на Европа и на стратешкиот партнер значи ние веќе имаме сериозен проблем, а од друга страна сме буквално во војна со Русија, односите со Кина веќе се влошуават, БРИКС од друга страна се зајакнува и се повеќе држави се зачленуваат таму. А Бугарија се однесува по принципот „село гори баба се чешла“. Во една тешка ситуација во која може да се најде цела Европа вклучувајќи го и стратешкиот партнер за нив е најбитна историјата, дали сме ние Македонци од 1944 или откако постоиме. За нив е најбитно каков ни бил јазикот, а воопшто не сакаме да се осврнеме на овие прашања кои треба да се затворат, цел Западен Балкан да се интегрира во ЕУ и да функционираме како еден за да можеме да се справиме со ова што ни се случува во целиот свет, посочува Јакимовски.

Претседателскиот кандидат нагласува дека наместо овие политички проблеми да ги затвориме за да може да водиме заедничка политика во која ќе се крева европската економија и полесно ќе се справуваме со предизвиците од надвор се јадеме внатре заради неразумната бугарска политика и заради неразумните политичари кои апсолутно го маргинализираат ова прашање.

Во Републичкиот судски совет вели дека треба да членуваат угледни адвокати, професори по одредена проблематика и долгогодишни судии, а не, како што посочува,  луѓе кои не се судии или не се правници со долгогодишно искуство во судница и добиени предмети.  

За Уставниот суд забележува дека „не смее да биде продолжена рака на партите и во него да бидат делегирани професионалци кои немаат никава обврска кон ниту една политичка партија, туку треба да ги интересира само Уставот и ништо повеќе од тоа“.

Смета дека треба максимално да се издвојуваат средства за техничка и технолошка подготвеност на Армијата и материјалните услови за армиските припадници.

Јакимовски, во однос на тоа што би го издвоило од досегашните претседатели вели дека не би бил противник на Владата, но дека не значи дека е паметно  се што ќе смисли Владата.  Во тој контекст го наведува проектот за автопатите со „Бехтел и Енка“, кој за него е класична корупција озаконета со закон во Парламентот.

Истакнува дека претседателот може да отвора важни прашања и дека „не смееме да имаме политички затвореници“, односно претседателот треба најенергично да се спротивставува на тоа.

-Во делот на надворешната политика сметам дека амбасадори треба да бидат исклучиво професионалци, мора да ја обновиме врската со дијаспората која е прекината. Дијаспората не смееме да ја гледаме исклучиво како можност што ќе донесе пари во државата. Таа создава 20 проценти од БДП на Република Македонија со девизните дознаки што ги праќа во нашата држава. Таа треба да биде нераскинлив дел од македонското национално ткиво, треба да бидеме постојано во комуникација и да видиме што е потребно за нив да направиме и додека се таму, но и што треба да направиме кога ќе дојдат овде да се чувствуваат пријатно, но во исто време доколку сакаат да инвестираат да видиме што е тоа што ние можеме а го направиме за нив. Сите политики, дали се добри или лоши, ние сме должни да ги објаснуваме на средби со дијаспората. Луѓето се далеку од Република Македонија, за некои работи може да имаат и погрешни  ставови и нецелосни информации.  Дијаспората да има комплетна информација директно од претседателот на државата, премиерот, министерот за надворешни работи, министерот за економија, нашите амбасадори и дипломатско-конзуларни претставништва, наведува Јакимовски.

За во вториот изборен круг очекува дека некој од кандидатите ќе треба да размисли дали ќе го поддржи него или некој друг што би му бил противкандидат.

-Практиката досега покажала дека најуспешен сум кога ме потценувале, тоа се случувало и со изборите во 2009, и во 2013 и во 2021  година. Историјата покажува дека во првиот круг мене ме поддржуваат, така што очекувам дека во вториот круг некој од кандидатите ќе треба да размисли дали ќе ме поддржи мене или некој друг што ќе биде противкандидат во вториот круг, истакна Јакимовски.

Јакимовски критикува дека со изборниот модел, начинот на финансирање и медиумската презентација се фаворизираат кандидатите од двете најголеми партии, кои добиваат 90 проценти од медиумскиот колач, а само 10 проценти се за сите други кандидати.

Неговите активности во кампањата опфаќаат средби со граѓани и мали митинзи, бидејќи, посочува,  немаме ресурси  како што имаат тие да организираме секоја вечер и тоа да не чини 15 илјади 20 илјади евра. Ќе ги користат и социјалните мрежи и ќе имаат директни контакти со граѓаните.  

Јакимовски ги споделува и неговите очекувања дали ќе имаме фер и демократски избори.

-Па гледате, оние што се договараат за парите, што се договараат за техничка влада, ќе се трудат водата да ја носат на нивната воденица и практично, а оние што се однадвор што ги набљудуваат изборите во Република Македонија ним ќе има биде битно во кутијата да има најмногу ливчиња од тој што ним им одговара, што е и природно. Но, мојата политика секогаш била да им одговара на граѓаните  на Република Македонија и досега ниту јас ниту тие мене ме изневериле, вели Јакимовски.

Во случај да биде избран за претседател би го доверил мандатот на тој што ќе донесе одлука на конгрес дека нема да го менува Уставот и дека нема да влезат Бугарите во Уставот додека не се затворат сите прашања.

-Тоа мора да биде комплетен пакет или да ни се отворат вратите за преговори со ЕУ, а тие прашања да си ги разговараат историчарите, порачува претседателскиот кандидат на ГРОМ.

Прашан што треба да ги мотивира граѓаните да излезат на гласање во вакви околности посочува дека очекува дека и сега народот ќе биде мудар како и досега иако секогаш му било тешко.

На граѓаните на Република Македонија секогаш им било тешко, и во 19-от и во 20-от  век, и во 1912., 1914.,  1918., 1941  и 1945 и 1948, и 1963 кога бевме во рушевини, и 1992 година кога бевме на крстопат, секогаш на народот му било тешко, но народот секогаш бил мудар  и сега ќе биде мудар. Имате кандидат за претседател којшто можете да го тестирате како реагира на притисоци, а претседателската функција е функција на која континуирано се врши притисок. Јас сум убеден дека ако бирате претседател кој ќе биде достоинствен и подготвен да не попушти под каков било притисок кога се загрозени интересите на граѓаните на Република Македонија, тогаш јас сум вистински избор за граѓаните.

Во однос на очекувањата од кампањата Јакимовски нагласи дека почнала со „црната листа“, што, како што додаде, покажало колку е оваа кампања фер и достоинствена. Од друга страна, забележа Јакимовски, ниту еден од неговите противкандидати не застанал во негова одбрана и не го осудил неговото ставање на „црната листа“. Вели за кој било друг кандидат тоа да било сторено тој лично ќе излегол со осуда. 

Во продолжение следува целото видео интервју со претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.

Лидија Велковска 

Фото: МИА

Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ

 

Остани поврзан