• понеделник, 23 декември 2024

Во Љубљана одбележани 30 години од дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Словенија

Во Љубљана одбележани 30 години од дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Словенија

Скопје, 25 септември 2023 (МИА) - Во Љубљана денеска беа одбележани 30-годишни од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Словенија и отворањето на првото дипломатско претставништво по прогласувањето на независноста на нашата држава.

Како што информираат од владината прес-служба, на приемот се обратиле заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, амбасадорот Горан Милевски, министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Боштјан Поклукар, претставници на дипломатскиот кор, стопанственици и претставници на верските заедници, како и сонародници-иселеници од нашата држава.

Грковска потенцираше дека токму Амбасадата во Љубљана е симбол на независноста и симбол на тешкиот дипломатски пат кој го изоде нашата држава за денеска да биде полноправна членка на НАТО и да чекори по евроинтеграцискиот пат за да се придружи на големото европско семејство. Таа се заблагодарила за отвореноста на Словенија да им овозможи студирање на словенечките универзитети на голем број македонски студенти и изрази надеж дека младите кои се стекнуваат со искуство во европските земји, потоа ќе одлучат својата иднина да ја градат дома, во својата татковина, со своите семејства.  

-Словенија беше и верувам секогаш ќе остане наш поддржувач и во рамките на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, поддршка којашто е исклучително важна, особено во делот на спроведување на реформските процеси, со цел да ги достигнеме европските стандардни вредности. Вашето искуство за нас е непроценливо имајќи предвид дека делиме заедничко минато, а целиме и кон заедничка иднина во европското семејство, заклучи вицепремиерката Грковска.

Спасовски посочил дека изминативе години со нашето партнерство и соработка со Република Словенија успеавме да бидеме пример и да покажеме, не само на просторот на поранешната држава туку и пошироко - како може, кога постои добра волја и низа заеднички интереси, соработката меѓу две земји да се интензивира, одржува, негува и продлабочува примарно имајќи ги во предвид потребите на нашите граѓани, одржувајќи ги на високо ниво претходно воспоставените одлични  релации. 

-Од аспект на работењето на министерствата за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Словенија,  изминативе три децении се период на динамична и плодотворна тесна соработка крунисана со мноштво значајни билатерални договори и конкретни активности во кои што словенечката полиција е тесно инкорпорирана во речиси сите суштински реформски исчекори на македонското МВР во насока на имплементирање на сите важни европски полициски стандарди и критериуми, рече Спасовски.

Тој изрази уверување дека и во годините пред нас може веќе воспоставената билатерална и мултилатерална соработка преку разните иницијативи, форуми, меѓународни асоцијации, уште повеќе да се продлабочи, да се динамизира во интерес на националната, но и регионална безбедност.фф/лв/

Фото: Влада/МВР

Остани поврзан