• петок, 22 ноември 2024

Во Јужна Кореја втор ден предвремено гласање за парламентарните избори

Во Јужна Кореја втор ден предвремено гласање за парламентарните избори

Сеул, 6 април 2024 (МИА) - Во Јужна Кореја денеска е вториот и последен ден од предвременото гласање на парламентарните избори, а вчера е забележан рекорден одѕив.

Државната изборна комисија соопшти дека вкупната излезност утринава достигнала 17,78 отсто, односно до девет часот по локално време гласале 7,87 милиони гласачи.

Граѓаните денеска можат да гласаат на 3.565 избирачки места, а оние кои ќе ја пропуштат оваа можност ќе можат да гласаат на денот на изборите во среда, пренесува Јонхап.

Според податоците на Државната изборна комисија, во петокот гласале 6,91 милиони граѓани од вкупно 44,28 милиони граѓани со право на глас, што е рекордна излезност од 15,61 отсто за првиот ден од предвременото гласање на парламентарните избори.

Јужна Кореја воведе систем за предвремено гласање во 2014 година. На изборите се избираат 300 членови на собранието со мандат од четири години.

Изборите доаѓаат речиси две години откако јужнокорејскиот конзервативен претседател Јун Сук-Јол го победи Ли Џае-Мјунг од Демократската партија на претседателските избори во 2022 година со 0,73 отсто од гласовите, што е најтесна разлика во историјата на Јужна Кореја. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан