• четврток, 19 декември 2024

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

Штип, 10 март 2024 (МИА) - Во Штип се одбележаа 81 година од  депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта „Треблинка“. По тој повод на Комеморативната седница во Општина Штип присуствуваше aмбасадорката на Израел во Република Северна Македонија, Симона Франкел, градоначалникот на Општина Штип, претставници на Еврејската заедница во земјава, како и пратеници во македонското Собрание и делегации на државни и локални институции. Општина Штип секоја година им оддава почит на 7 144 Евреи од Македонија и 543 Евреи од Штип, кои починаат во логорот „Треблинка“.

-За мене претставува чест, како и секоја година, да бидам тука за комеморацијата на Еврејската заедница која беше депортирана за време на Холокаустот и прво испратена во скопскиот Монопол, па потоа во камповите, каде што беа убиени за време на холокаустот. За жал, многу малку луѓе преживеаа во овој камп на смртта, вели Франкел.

Таа додаде треба да се потсетиме дека нејзиното присуство оваа година е значајно затоа што војната во Газа сè уште трае и Хамас сè уште држи 134 заложници. Повика и на итно ослободување на заложниците.

-Знаеме дека помеѓу нив има 19 млади жени кои во тунелите на Хамас страдаат од сексуално вознемирување и сексуална злоупотреба. Сите ние мора да дејствуваме и да повикаме на нивно итно ослободување, и да не ги оставиме таму. Со секој изминат ден кога ги оставаме во тунелите и не правиме сè што е можно за да ги ослободиме, им ги загрозуваме животите и тоа може да ја предизвика нивната смрт. Би сакале да повикаме на нивно итно ослободување, изјави Франкел.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната комеморативна седница по повод 81 години од Холокаустот на Евреите, истакна дека Општина Штип секоја година се сеќава на 543 Евреи, кои беа депортирани во Треблинка, но и секогаш се порачува дека никогаш не треба да се заборави и да не се повтори.

-Затоа што Еврејската заедница е нераскинлив дел од нашето минато, но и наша обврска да ја продлабочиме соработката којашто ја имаме со Еврејската заедница, со Еврејскиот народ. Дефинитивно и во периодот што следи како град имаме обврска да ја вклучиме Еврејската заедница во организирање на заеднички културно-уметнички настани, вели Јорданов.

Со паролата „Да не се заборови“ се одржа и поворка на живите од зградата на Општина Штип до споменикот на депортираните Евреи од Штип, кој се наоѓа во поранешното Кафтанско маало, каде што живееле поголемиот дел од Еврејската заедница. амбасадорката на Израел, Фарнкел, како и делегации денеска ги посетија и Еврејските гробишта. вдј/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан