Во Шпанија од утре се задолжителни маски во болниците поради пораст на заразени со грип и коронавирус
- Во болниците и здравствените домови во Шпанија од утре ќе биде задолжително носењето маски поради зголемувањето на бројот на заболени од респираторни инфекции, соопшти шпанското Министерство за здравство.
Мадрид, 9 јануари 2024 (МИА) – Во болниците и здравствените домови во Шпанија од утре ќе биде задолжително носењето маски поради зголемувањето на бројот на заболени од респираторни инфекции, соопшти шпанското Министерство за здравство.
Новата левичарска малцинска коалициска влада ја воведува мерката, и покрај противењето на повеќето од 17-те автономни шпански региони.
Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија изјави дека тоа е основна и едноставна мерка.
Шпанското Министерство за здравство одлучи да ја воведе мерката откако не постигна договор со регионалните здравствени власти, од кои многумина тврдеа дека употребата на маски треба да се препорачува, но не и да биде задолжителна.
Шест шпански региони веќе ја воведоа мерката, а во последните месеци вообичаено се користат маски на улиците и во јавниот превоз, како и во здравствените домови.
Шпанските болници беа под огромен притисок во последните недели, по наглото зголемување на бројот на случаи на грип, коронавирус и други респираторни заболувања. јт/