• недела, 22 декември 2024

Во Хаг денеска почнува конференција за воените злосторства во конфликтот во Украина

Во Хаг денеска почнува конференција за воените злосторства во конфликтот во Украина

Хаг, 2 април 2024 (МИА) – По повеќе од две години од почетокот на руската агресија врз Украина, европските министри и меѓународни истражители денеска во Хаг ќе разговараат за напредокот во гонењето на воените злосторства во оваа земја, јави ДПА.

Украина, нејзините сојузници и Европската комисија сакаат да се погрижат осомничените за воени злосторства да бидат изведени пред лицето на правдата.

Ќе се постави и прашањето како Русија може да се гони за кривично дело агресија. За таа цел може да се формира специјален суд. На конференцијата ќе бидат регистрирани и првите барања за обештетување од страна на жртвите.

Домаќин на конференцијата е Холандија. Меѓу учесниците ќе има и претставници на Европската комисија, Украина и западните сојузници, како и Меѓународниот кривичен суд и европското правосудно тело Евроџаст.

Набргу по почетокот на војната, неколку земји се согласија да соработуваат во истрагите со Украина и меѓународните правосудни власти.

Покрај украинските правосудни органи, истрагата ја води и Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг. Генералниот обвинител Карим Кан веќе издаде четири меѓународни потерници за високо позиционирани Руси, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин, под обвинение за воени злосторства. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан