Во Франција продолжува штрајкот на контролорите на воздушниот сообраќај
- Француското цивилно воздухопловство побара од авиокомпаниите да откажат 20 отсто од своите летови во понеделник и вторник на некои аеродроми, поради продолжувањето на штрајкот на контролорите на воздушниот сообраќај кои протестираат против пензиските реформи.
Париз, 31 март 2023 (МИА) - Француското цивилно воздухопловство побара од авиокомпаниите да откажат 20 отсто од своите летови во понеделник и вторник на некои аеродроми, поради продолжувањето на штрајкот на контролорите на воздушниот сообраќај кои протестираат против пензиските реформи.
Побарано е намалување на бројот на летови на аеродромите во Тулуз и Бордо во текот на утрешниот ден, а во недела во Нант.
Превентивните откажувања ќе се однесуваат на 20 отсто од летовите во Франција во понеделник и вторник на аеродромите во Марсеј и Бордо, а парискиот аеродром Орли исто така е погоден од мерката, соопшти Цивилното воздухопловство.
„И покрај превентивните мерки, сепак, може да се очекуваат прекини и доцнења“, се наведува во соопштението.
Главната асоцијација на европските компании, Ерлајнс за Европа (Airlines for Europe), побара од Европската комисија оваа недела да интервенира за да обезбеди летови над француска територија во случај на штрајк на контролата на летање. паг/