• понеделник, 23 декември 2024

Во Франција повторно протести поради пензиските реформи

Во Франција повторно протести поради пензиските реформи

Париз, 23 март 2023 (МИА) – Француските синдикати, кои од јануари организираат протести против пензиската реформа, за денеска најавија нови протести и тоа ќе бидат први по неодамнешното усвојување на Законот за пензиски реформи.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин изјави дека дополнителни 12.000 полицајци и жандарми ќе бидат распоредени низ целата земја, од кои 5.000 ќе бидат во Париз.

Тој повтори дека во Франција има слобода на изразување, но не и право да се создаваат немири и инциденти на улични протести.

Денеска се очекуваат помеѓу 600.000 до 800.000 демонстранти на 320 различни места во Франција. Најпогодени од штрајкот се транспортот, образованието и енергетиката. Најмалку 40 отсто од наставниците во училиштата ќе излезат на улица, а поради блокадите во рафинериите, 13 проценти од бензинските пумпи веќе се без гориво.

Француската управа за цивилно воздухопловство денеска побара од авиокомпаниите да откажат околу 30 отсто од нивните летови на аеродромот во Париз Орли и 20 проценти на другите аеродроми. Ер Франс најави дека ќе ги задржи сите летови на долги релации, особено на меѓународниот аеродром во Париз Роаси-Шарл де Гол.

Се очекува да има прекини и во железничкиот сообраќај.

Синдикатите кои ги организираат протестите вчера по интервјуто на Емануел Макрон изјавија дека се разочарани, додавајќи дека францускиот претседател покажал „презир кон милиони демонстранти“. ми/

Остани поврзан