• понеделник, 23 декември 2024

Во фаза на поништување е одобрението за градба на мала хидроцентрала во виничкото село Блатец

Во фаза на поништување е одобрението за градба на мала хидроцентрала во виничкото село Блатец
Виница, 6 јуни 2022 (МИА) – Изградбата на мини хидроцентрала на реката Блатешница во виничкото село Блатец ќе биде спречена затоа што истекол рокот во кој требало да почнат градежните активности. Општина Виница издала одобрение за градба пред околу седум години, но сега се води постапка за поништување, затоа што објектот не почнал да се гради. Според градоначалникот Миле Петков, за тоа има законски аргументи и локалната самоуправа ќе ги искористи за да одговори позитивно на барањата на месното население кое е против изградба на мини хидроцентралата. - Концесијата за експлоатација на водата е доделена во 2012 година од страна на Министерството за економија, а одобрението за градба Општина Виница го издала во 2015 година. Според законските прописи рокот за изградба на објекти од оваа категорија е две години. Во 2020 година била направена промена на инвеститорот, односно прво била фирма од Штип, а потоа од Кочани. И оттогаш поминале две години, но нема градежни активности што е констатирано при увид на теренот, направен од страна на градежен инспектор. Фактот што две години по правосилноста на одобрението не почнала изградбата, претставува законска основа за поништување на одобрението. Ние сме во таа фаза, за што веќе е известен инвеститорот и најверојатно ќе го поништиме документот, истакна градоначалникот Петков. Жителите на Блатец повеќапати протестираа и го блокираа пристапот до локацијата каде треба да се гради мини хидроцентралата, која е со проектирана моќност од 606 киловати. Според техничката документација, за неа не е предвидено да се гради брана или зафат, туку водата до турбината ќе се спроведува со цевкововод во должина од три километри. Од Советот на месната заедница на Блатец излегоа со став дека и селото и целиот регион ќе имаат повеќе штета отколку придобивки од планираната инвестиција, затоа што ќе се зафаќа поголемиот дел од водата и ќе се направи еколошка катастрофа. Освен тоа, за изградба на хидроцентралата е потребно минирање на карпите каде треба да поминува трасата на цевководот, со што ќе се нарушат подземните текови и може да дојде до пресушување на чешмите или заматување на водата за пиење.та/фф/

Остани поврзан