• петок, 22 ноември 2024

Во Узбекистан ќе има уставен референдум за продолжување на мандатот на претседателот

Во Узбекистан ќе има уставен референдум за продолжување на мандатот на претседателот

Ташкент, 15 март 2023 (МИА) - На уставниот референдум во Узбекистан во април ќе се предложи воведување на седумгодишен претседателски мандат, што ќе му овозможи на актуелниот претседател Шавкат Мирзијоев, кој е на власт од 2016 година, два нови мандати, покажува нацртот на новиот Устав објавен денеска.

„Претседателот се избира... со мандат од седум години“, наспроти сегашните пет, се наведува во предлог уставните измени.

Лицата кои веќе се на власт „ќе имаат право да се кандидираат за функција... без оглед на бројот на последователни мандати што веќе ги постигнале“, се наведува во документот.

Новиот Устав на Узбекистан, централноазиска земја со околу 35 милиони жители, ќе биде претставен на референдум на 30 април.

Мирзијоев, кој е на власт од 2016 година, во октомври 2021 година беше реизбран на функцијата со повеќе од 80 отсто од гласовите на Узбекистанците, а тоа беа избори на кои тој немаше вистински противник, сметаат набљудувачите на изборниот процес.

Уставните реформи ќе му овозможат на 65-годишниот политичар да се кандидира за оваа функција и на изборите во 2026 година, а доколку биде избран да остане на власт до 2033 година, а доколку биде и реизбор  власта ќе ја има до 2040 година.

Нацрт Уставот што беше речиси едногласно одобрен во двата дома на Парламентот, исто така, планира да го направи Узбекистан „држава на благосостојба“ каде што „човечкото суштество, неговиот живот, неговата слобода, неговата чест и неговото достоинство се од најголема вредност“. сд/

Остани поврзан