• петок, 22 ноември 2024

Во Тирана ќе се одржи вториот фолклорен фестивал на Македонците во Албанија

Во Тирана ќе се одржи вториот фолклорен фестивал на Македонците во Албанија
Тирана, 4 април 2022 ( МИА) - Во организација на македонското друштво „Илинден“, со поддршка на Министерството за култура на Албанија, на 17 април,  во Тирана ќе се одржи вториот „Фолклорен фестивал на македонското малцинство во Албанија“.
- Оваа манифестација е од големо значење за нас Македонците во негувањето на традициите и фолклорот, која финансиски ја поддржува албанското Министерство за култура. Очекуваме голема посетеност како од Македонците кои живеат во Тирана, така и од други делови на Албанија, изјави за МИА претседателот на МД „Илинден", Никола Ѓурѓај. Според него, на оваа значајна манифестација за Македонците, ќе учествуваат фолклорни групи од областите Гора, Голо Брдо и Мала Преспа, сите со македонски песни и ора од споменатите области. Гости на вечерта се очекува да бидат членовите на театарот „Скрб и утеха” од Скопје. Фестивалот ќе се одржи на 17. овој месец со почеток во 16:00 часот, во амфитеатар Тирана (голем парк кај вештачкото езеро во Тирана), а влезот е слободен. Првиот фестивал беше одржан на 9 јуни  2019 година, но поради пандемијата и анти-ковид мерките во изминатите две години оваа манифестација не беше одржана. вт/дма/

Остани поврзан