Изгласан Буџетот на Општина Карпош
- Со 15 гласа „за“ и во тензична атмосфера советниците го изгласаа Буџетот за 2024 година на Општина Карпош. На почетокот на денешната 37. седница, советниците на ВМРО-ДПМНЕ побараа прекинување на седницата и пристапување кон носење одлука за времено финансирање на општината. Овој предлог беше одбиен од Добрила Андоновска, која како најстар член претседаваше со Советот бидејќи претседателот на Советот на Општина Карпош Бранко Ристов преку писмо информираше дека не може да присуствува на седница поради здравствени причини.
Скопје, 4 јануари 2024 (МИА) - Со 15 гласа „за“ и во тензична атмосфера советниците го изгласаа Буџетот за 2024 година на Општина Карпош. На почетокот на денешната 37. седница, советниците на ВМРО-ДПМНЕ побараа прекинување на седницата и пристапување кон носење одлука за времено финансирање на општината.
Овој предлог беше одбиен од Добрила Андоновска, која како најстар член претседаваше со Советот бидејќи претседателот на Советот на Општина Карпош Бранко Ристов преку писмо информираше дека не може да присуствува на седница поради здравствени причини.
-Барам да биде прекината седницата. Зошто? Затоа што утрово не можевме да поднесеме барање за седница на која би имала единствена точка на дневен ред – Носење одлука за времено финансирање на општината, бидејќи во 9:30 часот немаше никој во Архивата. Затоа барам оваа седница да биде прекината и веднаш да пристапиме кон носење одлука за времено финансирање на општината, побара во процедурална забелешка координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Велјановски.
Андоновска истакна дека ова процедурално барање нема ниту основа, ниту тежина, ниту можност за понатаму да се дискутира. Потенцира дека таа како заменик по сила на прилики и не е овластена да ги врши тоа. Потенцира дека ниту во описот и пописот не е во нејзините должности да прими такво барање.
Влјановски во своето обраќање истакна дека за разгледување за буџетот се поднесени 3.870 амандмани. Побара од претседавачката да се отпочне најпрвин расправата по амандманите, а потоа расправата за точката на дневен ред.
Советничката на ВМРО-ДПМНЕ Адријана Јакимовски Панчевска во процедурална забелешка побара претставниците од Секторот за финансии од општината да излезат и пред сите присутните да ги презентираат бројките за состојбата на општината.
-Го замолувам Секторот за финансии, односно госпоѓата Мими од финансии да ги презентира бројките. Можеме да кажеме се и сешто, но од бројките нема бегање. Првиот квартален извештај го донесовме минатата година. За да не се шири понатаму паника и немир помеѓу вработените во општината замолувам да излезе Секторот за финансии и да ги презентира точните бројки. Временото финансирање е вистинска и неодложна потреба. Вашите плати се загрозени доколку веднаш на итна седница не донесеме времено финансирање, па ќе го донесеме буџетот, рече таа.
Вработената во општината одговорна за финансии од место дофрли со висок тон дека таа нема каде да најде пари за плати.
Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски истакна дека тактиката во тензична атмосфера да почне, да трае, да се одолговлекува седницата веќе е видена во изминативе години.
-Има точка на дневен ред- буџет на Општина Карпош. Кој сака да дискутира по основ на буџетот, бујрум. Колешката од финансии два пати земаше збор и два пати објаснуваше. Се ви е јасно. По завршување на дискусиите, молам да се пристапи кон гласање за буџетот на Општина Карпош, рече Јакимовски.
Андоновска во рамки на седницата предложи Советот да донесе одлука по исто прашање на оваа седница да се говори само еднаш, за која било точка од дневниот ред, според член 71 од Деловникот, и да се ограничи времетраењето на излагање на пет минути. Таа за оваа одлука побара поддршка од најмалку пет советници за да го поддржат барањето, која беше усвоена, но наиде и на остри реакции од советниците на ВМРО-ДПМНЕ дека со тоа се кршат деловничките права. фф/ев/
Фото: Принтскрин од видео