• понеделник, 23 декември 2024

Во тек подготовките за велосипедската тура околу Калиманско Eзеро

Во тек подготовките за велосипедската тура околу Калиманско Eзеро
Македонска Каменица, 12 август 2022 (МИА) - Во тек се подготовките за јубилејната петта велосипедска тура во природа „Tour the Kalimanci Lake 2022“. Пријавувањето за учество на трката околу водите на Калиманско Езеро, како што информираа организаторите, е до 1 септември 2022 година.
-Патеката е во категорија на средно тешки патеки, во должина од 40 километри. Се вози по комбинирана офф-роад и асфалтна подлога околу водите на Калиманско Езеро. Стартот е на 4 септември 2022 година во 9 часот од Паркот на рударите во Македонска Каменица, информираа организаторите.
За сите учесници кои ќе се пријават ќе важат посебни правила за безбедност кои ќе бидат задолжителни.
-Задолжително носење заштитна кацига, исправен МТВ велосипед, патна опрема, резервна гума, шушкавец и дрес/маичка зависно од временските услови се главни услови за учество. Стартниот пакет од 300 денари, вклучува маичка за секој учесник, патна храна, овошје, вода и ручек во Македонска Каменица по завршување на турата, додадоа организаторите на петтата велосипедска трка околу Калиманско Езеро.
Трката е во организација на група ентузијасти и од година во година е се помасовна со учество на велосипедисти од земјава и странство. вс/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан