• недела, 21 јули 2024

Во текот на денот ќе биде извршен вонреден инспекциски надзор над работата и стручниот кадар, велат од МТСП за случајот со градинката во Шуто Оризари 

Во текот на денот ќе биде извршен вонреден инспекциски надзор над работата и стручниот кадар, велат од МТСП за случајот со градинката во Шуто Оризари 

Скопје, 25 септември 2023 (МИА) - Во текот на денот ќе биде извршен вонреден инспекциски надзор над работата  на установата и стручниот кадар, од страна на инспектори за заштита на децата, велат од Министерството за труд и социјална политика за МИА, во врска со случајот со градинката во Шуто Оризари. 

 - Министерството за труд и социјална политика информира дека официјално нема добиено претставка за случајот во градинката „8-Април“ во Шуто Оризари. Меѓутоа по допрен глас од медиумите и по службена должност, во текот на денот ќе биде извршен вонреден инспекциски надзор над работата  на установата и стручниот кадар, од страна на инспектори за заштита на децата. За утврдување на фактичката состојба и  неправилности во работата на стручниот кадар, кој го згрижувал детето, ќе бидат преземени мерки согласно Законот за заштита на децата, нагласуваат од МТСП. 

Како што во саботата соопшти Министерството за внатрешни работи, родител, во СВР Скопје во петокот  пријавил, дека неговата малолетна ќерка се здобила со тешка телесна повреда во  градинка на подрачје на Шуто Оризари. 

- Во СВР Скопје, И.С.(28) од Скопје пријавил дека во текот на денот во детска градинка на подрачје на Шуто Оризари неговата малолетна ќерка се здобила со тешка телесна повреда, констатирана во Ургентен центар во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Според пријавеното, неговата сопруга ја однела нивната ќерка во градинката околу 8 часот и бидејќи е во период на адаптација, ја зела во 10 часот. Исто така, според пријавеното, кога го донела дома и почнала да го пресоблекува, девојчето не престанувало да плаче, по што го однеле во Ургентниот центар, каде што лекар ја констатирал повредата, се наведува во соопштението на Министерството.

Од МВР информираа дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. бд/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан