• понеделник, 23 декември 2024

Во театарот во Стоби не може да има претстави, сè додека старите мермерни седишта целосно не се реставрираат

Во театарот во Стоби не може да има претстави, сè додека старите мермерни седишта целосно не се реставрираат

Велес, 15 јуни 2021 (МИА) - Мермерните блокови - седишта на западната половина во театарот во Стоби сите се распукани и се распаѓаат, тоа е страшно и не е безбедно за публиката да дојде на претстава во Стоби. Археологот од НУ Стоби м-р Гоце Павловски предупредува дека тие не се направени на падина како во Охрид и Хераклеја, туку под нив имаат радијални ѕидови чијашто статика во изминатите две илјади години е разнишана.

- Пропаднати се седиштата, па не дај боже и при помал земјотрес додека се одржува некаква престава во Стоби, седиштата може да паднат внатре и може да има и жртви. И не мора да е земјотрес под тежината на публиката едноставно може да пропаднат и затоа не е безбедно да има претстави во театарот во Стоби, предупредув м-р Павловски.

Тој истакна дека годинава и Фестивалот на античка драма, кој лани изостана поради пандемијата, ова лето ќе се одржува на други локации во Стоби. Воедно појасни и дека  кога во изминатите години  се одржуваше Фестивалот на античка драма, во театарот во Стоби тој се одржувал во многу несигурни услови и под голем ризик за уништување на објектот.

Предупредува  дека таму оригиналните блокови од мермерните  седишта се распаѓаат и се пропаднати и таков објект според него не би требало воопшто да биде ставен во фунција за модерни настани затоа што, како што вели, со тоа се оштетува самиот објект.
Ваквата информација дека Фестивалот на античка драма во Стоби ќе се одржува, но не во театарот во Стоби за МИА ја потврди и в.д директорот на велешкиот театар Сашо Димоски.
Тој најави дека Фестивалот на античка драма ќе се одржи во август на неколку други локации во археолошкиот локалитет Стоби. Димоски не откри повеќе детали за Фестивалот, само посочи дека тој ќе биде меѓународен и деталите ќе ги соопшти наскоро на прес-конференција.
Археологот м-р Гоце Павловски информира дека за враќање на публиката во Стоби, Владата како капитален проект преку Министерството за култура треба да издвои два милиони евра со кои средства  театарот ќе се конзервира и ќе се заштити, а дури потоа може да се размислува за негова ревитализација.
Павловски  потсети дека истражувањата во театарот во Стоби се започнати во 2009 година, а првите конзервации започнуваат во 2013 година.

- Во периодот 2013-2016 паралелно со конзервацијата ние комплетно ја истраживме источната половина од централниот циркуларен коридор. Во периодот од 2016-2018-2019 беше комплетно реставриран сводот на тој коридор. Во 2016 година се префрлија истражувањата во горниот дел од источната половина на гледалиштето, односно во радијалните коридори под седиштата од тој  горен  дел на гледалиштето. Тие коридори служеле за циркулација на публиката, појасни Павловски.

Додаде дека фасадата на театарот била како  на фасадата во Колосеумот со аркади на два ката. Публиката прво влегувала во еден надворешен циркуларен коридор, преку кој стигнувале во радијалните коридори. Од тие радијални коридори воделе скали до самите седишта.

- Целта на истражувањето годинава е да се отворат тие скали и да се отворат повеќе и ѕидовите и конзервацијата да продолжи. Инаку тие ѕидови ги конзервираме од минатата година 2020 и продолжува и оваа 2021 година, појасни археологот м-р Павловски. ад/фф/

Тагови

Остани поврзан