• сабота, 23 ноември 2024

Во Таџикистан почна воена вежба предводена од Русија

Во Таџикистан почна воена вежба предводена од Русија
Душанбе, 5 август 2021 (МИА) - Русија денеска почна заедничка воена вежба со Узбекистан и Таџикистан во близина на границата со Авганистан, каде талибанците презедоа офанзива по повлекувањето на американските војници. Воената вежба се одржува во Таџикистан на воен полигон, што е лоциран на оклу 20 километри од границата со Авганистан. Во вежбата, што ќе трае до 10 август, учествуваат 2.500 војници од Русија, од Таџикистан и од Узбекистан. Додека паралено со тоа се одржува руско-узбекистанска воена вежба во јужен Узбекистан, во близина на границата со Авганистан, во која учествуваат 1.500 војници. Началникот на Генералштабот на руската армија, генерал Валериј Герасимов, кој денеска ја набљудуваше воената вежба во Узбекистан, изјави дека главната закана доаѓа од Авганистан - Брзото повлекување на странските сили од Авганистан предизвика брзо влошување на ситуацијата и интензивирање на терористичките активности, посочи генерал Герасимов. Русија има воени бази во двете најсиромашни земји во Азија, Таџикистан и во Киргистан. Таџикистан со Авганистан има граница долга 1.300 километри. Талибанците во јуни ја презедоа контролата над главниот граничен премин помеѓу Авганистан и Таџикистан. Талибанците почнаа офанзива против авганистанските сили во мај, откако започна повлекувањето на странските војници, а западните земји ги евакуираат своите граѓани поради влошената ситуација во земјата. Русија се поставува како бедем против евентуалното прелевање на судирите од Авганистан во Централна Азија, каде три поранешни советски републики имаат граница со Авганистан. ми/

Остани поврзан