• понеделник, 23 декември 2024

Во Струмица почна Шестиот меѓународен симпозиум по археологија посветен на алатките и оружјето

Во Струмица почна Шестиот меѓународен симпозиум по археологија посветен на алатките и оружјето
Струмица, 4 ноември 2021 (МИА) - Во Струмица вечерва почна Шестиот меѓународен симпозиум по археологија посветен на алатките и оружјето во организација на НУ „Завод и музеј Струмица“. Во наредните три денови 23 археолози од земјава, Англија, Франција, Италија, Хрватска, Србија, Романија и Бугарија ќе ги презентираат своите научни сознанија за оваа област од археологијата. -Алатките го создаваат човекот и го менуваат низ времето, па дури и низ просторот. Презентерите ќе поднесат свои видувања за алатките и оружјето почнувајќи од најстариот период-палеолитот, па се до доцниот среден век. Ќе бидат застапени повеќе теми и секој ќе ги презентира од свој аспект, од свое искуство, свое гледање на таа проблематика која е многу интересна во Европа. Таму колегите се специјализирани за таа област, а кај нас работиме кога ќе се најде па ги обработуваме. Темата е интересна, податна е за анализа и истражување и дури е многу интересна за слушање, рече Ване Секулов, архелог во „Завод и музеј Струмица“. Собирот го поздрави директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, а за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. -Ако се суди според неспорната успешност на претходните пет научни собири кои опфатија исто толку различни теми од битисувањето на човекот низ изминатите епохи, тогаш моите очекувања и очекувањата на луѓето од домашната и меѓународната стручна јавност се повеќе од оптимистички, дека во наредниве денови ќе биде направен крупен исчекор во презентирањето на научните достигнувања за орудијата и алатките, како и дебатите кои од нив ќе произлезат, рече Костадинов. Инаку, симпозиумот требаше да се одржи лани, но заради пандемијата се одржува годинава, а дел од учесниците од странство своите трудови ќе ги претставата онлајн. рт/дма/

Остани поврзан