• петок, 22 ноември 2024

Во Собрание продолжи дебатата за Дополнетиот предлог-буџет за 2024 година

Во Собрание продолжи дебатата за Дополнетиот предлог-буџет за 2024 година

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) - Во Собранието и денеска продолжи расправата по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година, во тек на која како и во претходните денови пратениците од власта и опозицијата изнесоа ставови и межусебни обвинувања за стандардот на граѓаните, состојбите во обарзованието, здравството... 

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Бети Стаменкоска - Трајкоска се осврна на одбиени амандмани, кои биле наменети за институции, синдикати, студенти.

- Интересно е тоа што ги одбиете амандманите кои беа наменети за институции, кои беа наменети за синдикати, кои беа наменети за студенти, но, вие ги одбивте. Еве ви уште еден пример зошто е ова предизборен буџет. Заради тоа што, само ќе земам за пример, Медиумската информативна агенција - МИА поднесе барање до сите нас каде велат дека за нормално функционирање на оваа агенција, за да нема медиумски мрак, за да функционира оваа агенција, се потребни 75 милиони денари. А, Владата им дава само 45, доволно за до избори. Вие го одбивте овој амандман кој го побаравме. Беше испратен до сите нас. Зошто го одбивте? Заради тоа што, како власт, а вие колеги како поддржувачи на оваа власт, повеќе се грижат да има средства за „Бехтел и енка“, да има средства за „Арберија“, да има средства да се купува државен имот со сомнителни финансии како што е „Соравија“. Повеќе се загрижувате да има финансии за „Еуровиа“, за „ЕТЦ травел“, за многу фирми за кои постои сомневање од корупција, непотизам и сѐ лошо, посочи Стаменковска Трајковска. 

Околу предлог - буџетот за идната година, за кој Собранието расправа четврти ден, пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ рече дека парите од граѓаните, треба да завршуваат кај граѓаните.

- Почитувани граѓани, штотуку и колешката Бети Стаменкоска - Трајкоска ве оквалификува како „подмитливи“, карактеризирајќи го овој предлог-буџет 2024 година како буџет за поткупување на граѓаните, а не за потребите на граѓаните, заборавајќи дека буџетот или парите од граѓаните, секако дека треба да завршуваат кај граѓаните, рече Лазаревска.

Расправајќи за пензионерите и нивните пензии, Стаменкоска - Трајкоска рече дека да било сѐ во ред, немало да има протести од нивна страна.

Лазаревска, пак, оцени дека пензискиот систем е стабилен и овозможува редовна навремена исплата и почитување на системското решение, коешто кажува дека треба во двапати во годината да се усогласува растот на пензиите со растот на животните трошоци.

Таа потоа се осврна на успешните политики и мерки што се спроведуваат, истакнувајќи примери од Охрид.

- Во Охрид, многу е важно дека младите веќе препознаваат дека може да бидат вклучени директно и во работа во стопанството. Можам со задоволство да констатирам дека во 2023 година се здобиле 580 млади охриѓани, кои имаат до 23 години, со тој надомест што го даваме кон младите - младински додаток, за да ги поттикнуваме тие кои работат во стопанство, да на нивните сметки дополнително од државата добиваат 3.000 денари. Многу е важно, исто така, дека во последниве години, три наназад, 116 лица во Охрид ја искористиле мерката - самовработување и се вработиле преку оперативниот план за вработување. Ова покажува дека многу успешни политики што се на ниво на држава, добро се рефлектирале и во мојата општина од каде што доаѓам, општина Охрид, подвлече Лазаревска.

Пратениците дискутираа и околу образованието и учебниците за учениците.

Расправата продолжува во 15.30 часот.бд/лв/

Фото: Принтскрин/Собраниски канал на „Јутјуб“

Остани поврзан