• сабота, 23 ноември 2024

Во селото Цера одржана деветата манифестација „Бабина Баница“

Во селото Цера одржана деветата манифестација „Бабина Баница“
Македонска Каменица, 5 јуни 2022 (МИА) - Туристичко-манастирскиот комплекс кај месноста „Еленец“ во каменичкото село Цера и годинава ги собра пензионерите од повеќе делови на државата, кои присуствуваа на деветтата манифестација „Бабина Баница“, организиран од здружението на пензионери од Македонска Каменица и Општина Македонска Каменица потпомогнати од Културно-информативниот центар „Романса“. Во рамки на натпреварот за подготвувањето баница на автентичен традиционален начин под вршник, годинава учество зедоа учесници од Здруженијата на пензионери од Македонска Каменица и Штип како и ученици од Средното општинско училиште „Митко Пенџуклиски“ од Кратово.
-Бабина баница се подготвува од брашно, сол, зејтин и вода, на стар начин со старовремска тепсија под вршник. Нашата баница има околу осум кори, а печењето трае околу осум минути. Со нас имаме и помлади учесници за кои навиваме да освојат награда, истакна учесничка од Кратово.
Претставниците на домашното здружение додадоа дека за подготвка на бабината баница најважно е вршникот претходно да биде добро загреан.
-Се замесува тесто, се сукаат кори и се стават во тепсијата, а вршникот и сачот се „загреани“ ја ставаме баницата под нив, се пече и откако е готова ја делиме, а комисијата ќе каже кој ќе добие награда, додадоа учесници од каменичкото здружението.
Заблагодарувајќи се на сите кои придонесоа за организацијата на настанот, претседателката на каменичкото здружение на пензионери Јаворка Соколовска кажа дека „Бабина Баница“ е бренд кој по својата содржина е единствен во државата, додека претседателот на Собранието на Сојузот на пензионери Илија Адамовски, истакна дека денешниот ден треба да биде сфатен како културен настан со кој се зачувува автентичната традиција.
-Оваа манифестација скоро една деценија егзистира на Еленец, место кое инспирира и поттикнува за уште поубави работи. Ние сме должни да ја почитуваме нашата традиција и е единствен начин да го сочуваме нашиот идентитет кој во минатото е доста оспоруван, рече Адамовски.
Учеството на годинешната „Бабина Баница“ е особено значаен и за луѓето кои се иселени, но потекнуваат од овој крај.
-Моите родители потекнуваат од тука, иселени се во Теранци од пред 60 години. Убаво е чувството да се заигра на ова место. Убаво е што има млади, а целта е токму нив да ги привлечеме. Не врзува емоционално местото. Инаку како играорка членувам во Културно уметничкото друштво „Руен“ и имам настапувано на повеќе места, а овде доаѓам речиси секоја година, вели посетителка по потекло од село Цера.
За градоначалникот на М.Каменица, Димчо Атанасовски и директорот на КИЦ „Романса“ Гоце Стојановски најважно е што после две години на „Бабина Баница“ луѓето повторно се дружат и разменуваат мислења, додека за директорот на КИЦ „Романса„ Гоце Стојановски
На крај од настанот беа доделени наградите за најдобро подготвената „Бабина Баница“, по што следуваше и настап на локален бенд со општо-народна веселба и заеднички ручек за сите присутни. вс/дма/

Остани поврзан