• вторник, 12 ноември 2024

Во Свиланово, Кочанско одбележана 118-годишнината од загинувањето на Никола Карев

Во Свиланово, Кочанско одбележана 118-годишнината од загинувањето на Никола Карев

Кочани, 26 април 2023 (МИА) – Со положување цвеќе и краток историски час, во Спомен-паркот кај кочанското село Рајчани, денеска, беше одбележана 118-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер и претседател на Крушевската Република, Никола Карев.

Членови на Извидничкиот одред „Ластовица“ и ученици од ОУ „Никола Карев“ од Кочани изведоа марш до месноста Свиланово, каде што загинал Карев, а делегации од Општина Кочани, од основното училиште, граѓански здруженија и други гости му оддадоа почит на великанот.

- Никола Карев зазема едно од највисоките места во националното паметење за бројните Македонци кои ги положиле животите за создавање на своја самостојна држава. Тој е предводникот на крушевското Илинденско востание и реализаторот на првата македонска народна востаничка власт. Со тоа ги обележал монументалните почетоци за остварување на многувековниот сон на безброј македонски генерации. Наша чест и гордост е што живееме во време кога таа идеја е реалност, истакна Сашко Стефановски, професор во ОУ „Никола Карев“.

Во рамки на одбележувањето на годишнината, општински делегации и граѓански здруженија од Кочани положија цвеќе и на спомен обележјата на Карев во Паркот на Револуцијата и кај селото Тркање.

Со свечена програма што ја подготвија учениците и нивните наставници, основното училиште „Никола Карев“ го одбележа патрониот празник и 66-годишнината од основањето, а беа доделени плакети и признанија на институции и организации за досегашната соработка и поддршката на неговиот развој и напредок. та/вг/

 

фото: Општина Кочани

Остани поврзан