Во САД и Италија уапсени 16 членови на познатото мафијашко семејство Гамбино
- Обвиненијата против нив вклучуваат рекетирање, изнуда, одмазда против сведоци, заговор и измама. Десет од нив се уапсени во областа на Њујорк, а шест се уапсени од италијанските власти во Палермо, Сицилија.
Њујорк/ Палермо, 9 ноември 2023 (МИА) - Шеснаесет претпоставени кумови и соработници на криминалното семејство Гамбино се уапсени во САД и Италија, јавија американските обвинители.
Обвиненијата против нив вклучуваат рекетирање, изнуда, одмазда против сведоци, заговор и измама. Десет од нив се уапсени во областа на Њујорк, а шест се уапсени од италијанските власти во Палермо, Сицилија.
Според американското Министерство за правда, во моментов во бегство е само еден осомничен.
Осомничените кои живеат во САД се изведени пред судот во Њујорк. Во обвинението е презентирана шема на заплашување и насилни напади со намера да се проневерат средства и да се измами синдикатот и плановите за бенефиции на вработените.
Мафијашите за своја цел ги имале компаниите за уривање објекти и компании за собирање ѓубре. Според обвинението, членовите на групата им се заканувале на претприемачите и барале да им се исплати одредена сума за обезбедување заштита. Тие се обвинети за избегнување на правилата на синдикатот и ги наместиле понудите за профитабилни договори за уривање, пишува Би-Би-Си.
Тие се обвинети и за закани на сведоци, за перење пари и за кривични дела поврзани со огнено оружје. Меѓу уапсените се: капетанот на семејството Џозеф „Џо Бруклин“ Лани, семејниот војник Анџело „Фифи“ Градилоне и соработникот на сицилијанската мафија Франческо Викари, познат и како „чичко Чичио“.
Семејството Гамбино е едно од петте истакнати мафијашки семејства од областа Њујорк, познати како Ла Коза Ностра. Семејството го водеше шефот Џон Готи до неговата смрт во затвор во 2002 година, а подоцна и од Френк Кали, кој беше застрелан пред неговиот дом во Стејтен Ајленд во март 2019 година.
Неговата смрт го означи првото целно убиство на мафијашки бос во Њујорк од смртта на „донот“ на семејството Гамбино, Пол Кастелано, во 1985 година.
Неколку неодамнешни истраги и полициски операции беа насочени кон групата во САД и Италија. На обвинетите им се закануваат казни од 20 до 180 години затвор. сд/
фото: ЕПА