• вторник, 05 ноември 2024

Во САД за првпат побарана дозвола да се продаваат контрацепциски апчиња без лекарски рецепт

Во САД за првпат побарана дозвола да се продаваат контрацепциски апчиња без лекарски рецепт
Вашингтон, 12 јули 2022 (МИА) - За првпат досега фармацевтска комапнија побара дозвола од американскиот регулатор за лекови, да продава таблети за контрацепција во САД без лекарски рецепт, јави Би-би-си. Барањето на компанијата ХРА Фарма, чие седиште се наоѓа во Париз, поднесено е до Управата за храна и лекови на САД во текот на вчерашниот ден, само неколку недели откако американскиот Врховен суд го поништи уставното право на абортус. Според компанијата, моментот на поднесување на барањето не е поврзан со неодамнешната одлука на Врховниот суд за укинување на пресудата во случајот „Ро против Вејд“, со што се легализираше абортусот во САД. За да се купат таблети за контрацепција, досега беше потребен рецепт, пред сè за лекарите да можат да ги следат ретките непосакувани ефекти, како што е ризикот од создавање на опасно згрутчување на крвта. Во барањето има податоци собрани за време на повеќегодишни истражувања, со цел Управата за храна и лекови да се увери дека жените можат сами безбедно да го следат своето здравје и да проценат ризици и на ефикасен начин да ги употребуваат апчињата. Компанијата информираше дека одлуката на Управата за храна и лекови се очекува наредната година. Одлуката би се однесувала само на апчето ХРА, што би се продавало под своето оригинално име „Опил“. Компанијата во 2014 година ја купи лиценцата за производство на со децении старите контрацепциски апчиња на Фајзер, но, моментално не се продаваат на американскиот пазар. бд/зш/

Остани поврзан