• сабота, 23 ноември 2024

Во Русија повторно протести поради апсење на гувернер

Во Русија повторно протести поради апсење на гувернер
Москва, 12 јули 2020 (МИА) - Стотици луѓе денеска втор ден демонстрираат во Хабаровск, на рускиот далечен исток, како поддршка на гувернерот на тој регион кој е обвинет за вмешаност во неколку убиства. Гувернерот на регионот Хабаровск, Сергеј Фургал (50), беше уапсен во четвртокот и префрлен во Москва, каде после сослушување му беше одреден притвор од два месеци. Руските власти соопштија дека тој е осомничен за вмешаност во убиства на неколку бизнисмени во 2004 и 2005 година, пред да влезе во политиката. Тој ги негира обвинувањата. Вчера, според различни проценки, помеѓу 10.000 и 40.000 луѓе демонстрирале во Хабаровск за поддршка на Фургал, и тоа бил еден од најголемите протестни митинзи досега во регионот. Според извештаите на медиумите, демонстрантите извикувале пароли против рускиот претседател Владимир Путин. Регионалната администрација денеска изрази жалење поради „провокативните слогани“. - Чувајте го здравиот разум. Ве потсетуваме дека сега секој митинг е забранет поради борбата против коронавирусот, се наведува во соопштението на управата објавено на социјалните мрежи. јт/

Остани поврзан