• петок, 22 ноември 2024

Во Пробиштип и Радовиш се слави Денот на рударите

Во Пробиштип и Радовиш се слави Денот на рударите

Пробиштип-Радовиш, 28 август 2023 (МИА) - Рударските општини Пробиштип и Радовиш денеска го слават празникот „Голема Богородица“ заштитничка на рударите.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов, вели дека рударството е водечка гранка во оваа општина. Тој денеска присуствуваше на свечената литургија по повод големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица.

-Со благослов од Брегалничкиот владика Иларион, да не штити сите граѓани и рударите, чијашто професија ја славиме на денешниот ден. За многу години Успение на Пресвета Богородица, вели Анастасов.

Во единствениот рудник за бакар и злато „Боров Дол“ и „Бучим“ по повод празникот, за посветеноста на рударите кон нивната работа и во знак на благодарност за вложениот труд, сите 650 вработени ќе добијат парични награди, а на најдобрите 25 рудари ќе им бидат врачени плакети и повисоки парични награди за особен придонес меѓу двата празника.

Рудниците Бучим и Боров Дол вкупно имаат 650 вработени. Во Боров дол се вработени 286 лица, во Бучим се вработени 364 лица. Просечна плата е 580 евра.

Генералниот директор Александар Раков вели дека оваа година за „Бучим“ и „Боров Дол“ е година на круцијални промени кон целосно подобрување на работата на рудниците. 

-Во април 2023 година, поднесено е барање до Владата на РМ за припојување на правното лице ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш кон ДПТУ Бучим ДООЕЛ Радовиш согласно Законот за минерални суровини. Се очекува дека 2023 година ќе биде одобрено барањето и ќе се пристапи кон припојувањето, што преставува обемен проект. Припојувањето ќе се одвива на тој начин, што ниедно работно место нема да биде скратено, вели Раков.

Посочува дека е започнат  процесот за целосна замена на флотомашините со нова опрема, со што рудникот Бучим ќе има најсофистицирана опрема за обработка на бакарна руда и производство на бакарен концентрат. Проектот за модернизација почна уште минатата година, а во четвртиот квартал од годинава се планира намалување на производството за 50 проценти до март 2024 година. Причина за намалувањето на производството е модернизацијата на погонот Флотација. Опремата која е технолошки застарена, се заменува со нова опрема произведена од Метсо Оутотек со која ќе се подобри искористувањето на металите во рудата. Замената ќе се одвива етапно, со цел да нема прекин во работењето и да се задржи производството на минимално ниво.

Во рудникот „Бучим“ на експлотационото поле „Североисток“ е отпочнато со подготвителни работи – раскривка на рудно тело, која дополнително ќе го снабдува погонот флотација со руда. Се планира овој процес да биде завршен до март следната година. вдј/сх/ 

Фото: МИА 

Остани поврзан