• петок, 22 ноември 2024

Во Прилеп се одржува богатата традиција на обичаите за Бадник и Божик

Во Прилеп се одржува богатата традиција на обичаите за Бадник и Божик

Прилеп, 6 јануари 2023 (МИА) - Со богата традиција и традиционална посна трпеза прилепчани се подготвуваат за бадниковата вечера. Традицијата се одржува како знак на опстојувањето и во тешки времиња. Најважно е да има од сѐ по нешто и семејството да биде заедно и на број.

Илка Илиоска, членка на прилепското здружение на жени „Преродба“, кое веќе 17 години организирано ги негува обичаите и традициите, вели дека на трпезата треба да има по нешто од сите посни јадења, како симбол и желба за годината да биде бериќетна, плодна и посигурна.

- Посно гравче, посни сарми, овошје. Лукчето во јадењата од дамнина е симбол на бркање на злите духови, медот и тивата за да биде слатка годината, вели Илиоска.

Ленче Спиркоска го нагласува значењето на одржувањето на традицијата.

- Времињата станаа тешки, има и скапотија. Ама не мора да се претерува. Битно е да се одржува вековната традиција. Помалку, ама да се изнесе сето на трпезата каде семејството е заедно, вели Спиркоска.

На претстаувањето на бадникарските обичаи беше и Фросина Ѓорѓиоска која по четири години живеење во странство, се врати за празниците дома, да биде со семејството.

- Живеам во Малта и поради пандемијата и сите случувања, по четири години се вратив дома. Сакам за празниците да бидам со моето семејство. И таму, каде што живееме, ги негуваме традиционалните обичаи за сите празници. На гости доаѓаат пријатели од повеќе земји. Зачудени се, ама и помалку восхитени од богатите традиционални обичаи.Сега знаат повеќе за нас, вели Фросина Ѓорѓиоска.

Лилјана Ѓорѓиоска со големи емоции ја потврдува потребата семејството да биде заедно.

- Неопислива е радоста децата да се на трпеза, за празникот дома, заедно. Во овие времиња тоа ги зацврстува традиционалните вредности, но и потребата на заедништвото во домот, вели Ѓорѓиоска.

На божикниот ручек, пак, семејството ќе биде на заедничката трпеза. Според прилепчани, тоа се благослови на неизмерна радост за целата година. ем/ар

Остани поврзан