• понеделник, 25 ноември 2024

Во Прилеп почна одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај „Карпалак“

Во Прилеп почна одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај „Карпалак“

Прилеп, 7 август 2023 (МИА) - Со поклон пред спомен обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп почна одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на 10-те прилепски воени резервисти. Загинаа на 8 август 2001 година при заседата на армискиот конвој на патот Скопје-Тетово кај месноста „Карпалак“.

Делегации на АРМ, од Владата, од Општината, на семејствата на загинатите, од здруженија на бранителите се поклонија и им оддадоа почит пред спомен обележјето во касарната.

-Поминаа 22 години, години на измешани чувства на гордост и на тага за: Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко Љубе, Пецо и Марко, припадници на резервниот армиски состав. Денес се поклонуваме пред паметникот во касарната, подигнат во нивна чест, со ветување дека нема да бидат заборавени. Тагата и болката остануваат, особено кај најблиските, но останува и гордоста што беа дел од нашата единица, наши сограѓани, ваши синови, сопрузи и татковци. Останува обврската, наша и на идните поколенија и генерации, споменот да го чуваме, да се сеќаваме на 2001-та и никогаш да не дозволиме да се повтори, рече на чествувањето командантот на прилепскиот гарнизон, потполковник Славчо Кузманоски.

Според Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“, политичкиот систем никогаш нема да ги реши отворените прашања за бранителите кои загинаа и за оние кои го преживеаја воениот конфликт 2001-та.

- Ниту еден државен орган, ниту една политичка партија не си зеде за одговорност да покрене истрага за сомнителната смрт на резервистите кои ги дадоа своите животи за одбрана на нашата таковина. Од ова места сакам да им укажам на политичките субјекти дека бранителите не се повеќе бројка за нивните изборни кампањи. Досега е многу укажувано, со бројни документации поткрепено, но досега немаме наидено на никаков резултат и одговор, изјави Петрески.

Во чест на загинатите бранители, беа посетени нивниот споменик во прилепското село Лениште и манастирот „Света Петка“ во ова село.

Утре на денот на трагедијата, делегации ќе ги посетат: месноста „Карпалак“ на патот Скопје-Тетово, вечните почивалишта на загинатите бранители на прилепските и на гробиштата во населените места. Централното чествување е на 8 август во 13 часот пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп. ем/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан