• вторник, 24 декември 2024

Во Прилеп е затворен 58. МТФ „Војдан Чернодрински“

Во Прилеп е затворен 58. МТФ „Војдан Чернодрински“

Прилеп, 15 јуни 2024 (МИА) - Со доделувањето на наградите и со концертот на Добрила и Дориан дуо во чест на наградените синоќа во Прилеп и официјално заврши 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

-Го затвораме 58 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Ги собираме впечатоците, го собираме уморот, се обидуваме да го одржиме пламенот на креацијата и страста во создавањето нови промени, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот на затворањето на сцената во Центарот за култура „Марко Цепенков.

Стојаноска со посебна благодарност до целата екипа која го реализираше осумдневниот Фестивал богат со настани: 11 претстави во официјалната и уште 5 во придружната програма, со работилница, промоции, разговори за одиграните претстави, автор во фокусот, Театар за деца.

Наградените ги добија наградите со почит и посебно задоволство, нескриено изразувајќи ги емоциите. Добивајќи ја статуетката на патронот, Војдан Чернодрински, за најдобрата претстава „Црна дупка“, раководителот на струмичкиот театар, Драган Маџиров нагласи дека ансамблот добива награда по 45 години.

- Наградата за најдобра претстава ја добиваме токму на 75 годишнината од постоењето на театарот. Тоа е посебно задоволство и пресреќни сме, рече Маџиров.

Струмичкиот театар добио уште две награди, за најдобра машка улога за актерот Васил Михаил кој го толкува ликот на Силјан во претставата и за епизодна женска улога на Анкица Бенинова за улогата на Сања во претставата.

-Горан Стефановски праќа уште подлабока порака од митот за Силјан штркот. Овде во овој живот да го побараме она што недостасува, а тоа е љубовта, рече Васил Михаил.

Претставата „Иванов“ на МНТ се закити со седум награди, меѓу кои за најдобра режија за Зоја Бузалковска.

-Ова ми е прва награда на Фестивалот и навистина сум посебно возбудена. Сметам дека наградата е за целиот тим, зашто на претставата работеше огромен тим, рече Бузалковска.

За добитникот на наградата за епизодна машка улога, Ѓорѓи Јолевски во претставата „Иванов“ на МНТ, најбитно е  улогата да се одигра посветено, од срце.

-Многу е важно улогата што се игра во театар и улогата што се добила да се одработи чесно, со многу љубов и да има импакт кај публиката, рече Јолевски.

Во чест на наградените, концерт одржаа Добрила и Дориан дуо со што официјално е завршен 58. Макеоднски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. ем/лв/

фото извор: МИА

Остани поврзан