• вторник, 05 ноември 2024

Во прилепскиот дом за стари лица се бара место повеќе за згрижување нови штитеници

Во прилепскиот дом за стари лица се бара место повеќе за згрижување нови штитеници

Прилеп, 17 ноември 2022 (МИА) - Со приредба за старите лица од учениците на основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“, прилепскиот дом за стари и изнемоштени лица „Киро Крстески-Платник“ ги заокружи активностите по повод неделата за грижа за старите и изнемоштени лица.

Деновиве практиканти од средното медицинско и козметичко училиште „Ѓорче Петров“ вакцинираа 64 од 145 штитници на Домот против сезонски грип, им вршеа прегледи и им мереа притисок и со третмани за подобар изглед им ги разубавија часовите и деновите на старите лица.

Директорот на Домот Благојче Стојаноски вели дека капацитетите се речиси исполнети и оти се бара место за згрижување. Во домот има штитеници од сите градови во земјава. Како главни причини за големиот интерес се сметаат добрите услови и сѐ поголемото заминување на младите во странство.

- Кога се бара место во Домот за сместување, меѓу главните причини се наведуваат добрите услови во Домот, но и, за жал, се поголемиот број млади генерации кои заминуваат во странство и нема кој да се грижи за нивните родители, баби или дедовци. Добро е да се има предвид дека се потребни и поголеми капацитети. Во државава се четири домови како јавни институции, вели Стојаноски.

И во ситуација на кризни времиња се спроведуваат проекти за подобрување на условите, а наредната, 2023 година ќе започне со настојувањето да се спроведе инсталирањето фотоволтаици.

-Беше реконструирана таванската конструкција во холот од зградата на Домот, со наши средства во висина од 300 000 денари. Преку проектот „Подобрување на условите за живот на маргинализираните и ранливите категории во Пелагонискиот регион преку обезбедување на инфраструктурни и технички услови за нивна социјална инклузија“ се обезбедени 90 медицински и 53 други кревети, масички, столици, трпезариски маси и друг инвентар. Проектот беше преку Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој, од програмата за рамномерен регионален развој за 2021/2022 година, како регионален проект аплициран преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион во соработка со општина Прилеп. Вкупниот износ на финансиски средства за овој проект е 5.287.209 денари, вели Стојановски.

Следната, 2023 година, нагласува тој, ја започнувааат со проект за поставување фотоволтаици и систем за топла вода на Домот кој е во финална фаза на одобрување. Проектот е аплициран преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион од Министерство за локална самоуправа, Биро за регионален развој како дел од регионалните проекти за 2022 година во вкупен износ од околу 7 милиони денари.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески потенцира дека зафатите во Домот ја имаат сета поддршка од локалната сампоуправа.

- Во Домот ја имаат сета наша можна помош за подобрување на условите за штитениците и грижата за старите и изнемоштени лица, вели Јовчески. ем/сст/

Остани поврзан