• недела, 22 декември 2024

Во пожарите во Бразил досега изгоре површина поголема од Белорусија

Во пожарите во Бразил досега изгоре површина поголема од Белорусија

Рио де Женеиро, 12 октомври 2024 (МИА) – Површина споредлива со големината на Белорусија изгоре во Бразил помеѓу јануари и септември 2024 година, според извештај објавен денеска, пренесе ДПА.

Вкупно 22,38 милиони хектари изгореа во пожари во првите девет месеци од 2024 година, што е зголемување за 150 проценти во споредба со истиот период во 2023 година, се вели во извештајот на иницијативата MapBiomas.

Областа одговара на околу 2,6 отсто од површината на Бразил, поголема е од Белорусија (20,29 милиони хектари) и речиси е колку Романија (23 милиони хектари).

За извештајот, мрежата составена од универзитети, невладини организации и технолошки компании, анализираше сателитски снимки и други податоци.

Повеќе од половина од изгорената површина е во регионот на Амазон. Само во септември таму изгореа 5,5 милиони хектари – скок од 196 отсто во споредба со истиот месец во 2023 година.

- Сушната сезона во Амазон, која вообичаено трае од јуни до октомври, беше особено тешка оваа година и дополнително ја влоши кризата со пожари во регионот, рече Ане Аленкар од MapBiomas.

Наречена „белите дробови на планетата“, амазонската прашума апсорбира јаглерод диоксид од атмосферата, играјќи клучна улога во борбата против климатските промени. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан