Во Пехчево промовирана книгата „На крилјата на самовилското коњче“ од Александра Велинова
- Во Пехчево промовирано делото „На крилјата на самовилското коњче“ од авторката Александра Велинова. Промоцијата се одржа на Црнодолските водопади кај локалитетот Равна Река, место каде се родила идејата авторката да ја напише книгата чија главна порака како што истакна авторката е низ илустирации да се развие еколошката свест кај најмалите.
Пехчево, 27 мај 2023 (МИА) - Во Пехчево промовирано делото „На крилјата на самовилското коњче“ од авторката Александра Велинова. Промоцијата се одржа на Црнодолските водопади кај локалитетот Равна Река, место каде се родила идејата авторката да ја напише книгата чија главна порака како што истакна авторката е низ илустирации да се развие еколошката свест кај најмалите.
-Многу се радувам што „На крилјата на самовилското коњче“ се враќа овде кај Пехчевските водопади каде се роди идејата да ја напишам оваа книга. Пораката која ја носи оваа книга е да се развие еколошката свест, како треба да се однесуваат во природа, не само децата туку и возрасните, но има и други аспекти кои треба да ги прочитаат децата, за да ги откријат. Илустрациите во оваа книга се автентични, односно сите оние илустрации кои ќе можат да ги погледнат читателите постојат реално во шумата во Малешевските планини и секако постојат водопадите кои се значајни за потенцијален развој на туризмот и се надевам дека во иднина ќе бидат повеќе посетени, рече Велинова.
Одржувањето на денешната промоција го овозможија Матичната библиотека „Кочо Рацин“ и Општина Пехчево.
-Главните ликови во оваа книга се Алексеј и самовилското коњче. Алексеј е љубопитно дете ама преку неговите авантури публиката се запознава и со убавините на Пехчево. Книгата можеби е мала по обем, но богата по содржина бидејки има силна еколошка порака, а тоа е дека и животинскиот и растителниот свет се дел од природата и треба да го негуваме. Со еден збор ова не е обична сликовница, туку поучно дело и за родителите и за децата, истакна директорката на пехчевската библиотека Габриела Костадинова.
Во рамки на промоцијата извадоци од книгата во соработка со нивниот ментор читаа ученици од деветолетката Ванчо Китанов кои од авторката добија по еден примерок од објавеното дело по завршувањето на промоцијата.
Издавањето на книгата „На крилјата на самовилското коњче“ е поддржано од Министерството за култура. вс/аа/
Фото: МИА