Во Париз почна Парадата на гордоста
- Годишната Парада на гордоста во Париз почна денеска со барање за одбрана на правата на ЛГБТ заедницата и со изразен политички тон, осудувајќи ја „реакционерната интернационала“, односно порастот на хомофобијата на меѓународно ниво.
Париз, 28 јуни 2025 (МИА) – Годишната Парада на гордоста во Париз почна денеска со барање за одбрана на правата на ЛГБТ заедницата и со изразен политички тон, осудувајќи ја „реакционерната интернационала“, односно порастот на хомофобијата на меѓународно ниво.
- Се наоѓаме во заканувачки, политички ужасен контекст. За првпат по многу години, нашите права се навистина загрозени, изјави Жилија Торле, претседателка на СОС Хомофобија, во близина на музејот Лувр.
- Мора да се обединиме, сите ние, лезбејки, квир личности, трансродови лица, геј луѓе, додаде таа.
На чело на поворката беше истакнат голем транспарент со натпис „Против реакционерната интернационала“, додека собраните изјавија дека со загриженост го следат она што се случува во САД, Унгарија, Италија и Русија.
Учесниците додадоа дека контекстот е тежок бидејќи трансфобијата е во пораст на меѓународно ниво, наведувајќи како пример обидот за забрана на Маршот на гордоста во Будимпешта, кој сепак се одржува.
Парадата на гордоста во Париз, организирана од Интер-ЛГБТ, организација која опфаќа околу 50 здруженија, ќе заврши во текот на денот со концертни настапи на разни уметници. јт/
Фото: Х скриншот