• вторник, 05 ноември 2024

Во Охрид денеска треба да биде отворен бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, реакции во јавноста

Во Охрид денеска треба да биде отворен бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, реакции во јавноста
Скопје, 7 октомври 2022 (МИА) - Во Охрид денеска е најавено дека ќе биде отворен културниот клуб „Цар Борис Трети“. Клубот, според најавите, треба да биде отворен во 12 часот. Отворањето на клубот предизвика реакции во јавноста, а за денеска политичката партија Левица најави протест со почетокт во 11.30 часот. И лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски вчера повика „масовно да се излезе на протест“, но тој да биде мирен, демократски и без инциденти за, како што рече, „да не им се даде алиби на тие коишто се причината денес Македонија да биде во оваа ситуација“. - Протестот е демократско право и треба да се протестира, но повикувам тој да биде мирен за да не дозволиме повторно да печалат на ваквите настани оние кои ја втурнаа Македонија во оваа ситуација, тоа е коалицијата СДСМ и ДУИ. Повикувам масовно граѓаните да излезат и да го поддржат протестот, но истовремено апелирам тој протест да биде мирен и демократски и да не дозволиме каков било инцидент да ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, а тоа се инфлацијата, криминалот, корупцијата, енергетската, финансиската криза и уште многу други проблеми со кои Македонија денес се соочува, изјави Мицкоски. Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи вчера на Фејсбук објави дека нивната пратеничка група денеска до Собранието ќе поднесе Предлог-закон за изменување на Законот за здруженија и фондации. Реакции денеска има и од Социјалистичката партија на Македонија, според која, отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид е „продолжување на омаловажувањето и понижувањето на македонскиот народ и на граѓаните со согласност и дозвола на власта“. Министерството за надворешни работи вчера ги повика граѓаните кои ќе излезат на протест да го изразат своето незадоволство достоинствено и мирно и да се воздржат од обиди за злоупотреба на своите права и слободи, особено да избегнуваат употреба на провокации и негирање на правата и слободите на другите. - Северна Македонија, како демократска земја во која слободите и правата на човекот и граѓанинот се издигнати на ниво на темелна вредност на Уставот и државноста, ќе продолжи да го заштитува правото на сите граѓани и заедници да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, наведува МНР. Пред три дена се конституираше советодавното тело што треба да дава мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи. Претходно, министерот за правда Никола Тупанчевски на прашањето дали ќе се дозволи да се отвори клубот во Охрид без став од советодавното тело, рече дека најавите се такви, но како Министерство немаат никакви ингеренции, бидејќи тоа е владина комисија. бак/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан