• четврток, 19 декември 2024

Во општина Зрновци се уредуваат нови тротоарски површини

Во општина Зрновци се уредуваат нови тротоарски површини

Кочани, 1 октомври 2024 (МИА) Локалната самоуправа на Зрновци ги продолжува активностите за комунално уредување на јавните површини, што се дел од годишниот план за работа.

Во соработка со комуналното јавно претпријатие „Водна кула” во изминатите неколку денови механизацијата е ангажитана за расчистување на нараснатата вегетација и земјената површина на просторот од градинката „Бисерчиња“ до мултинаменското спортско игралиште во Зрновци.

-Како дел од активностите за изградбата на сообраќајниот пристап и паркинг просторот пред детската установа, во моментот се уредува тротоарската површина во должина од околу стотина метри од десната страна на улицата. Планирано е на овој потег да се направи современо партерно уредување со поставување урбана опрема, како и да се изврши канализирање со помошни канали за наводнување, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Од Општината информираа дека по завршувањето на изградбата на тротоарската површина на улицата „Илинденска“, од влезот во Зрновци до излезот кон Мородвис, во тек се подготвителни работи за санирање на оштетувањата на коловозот што беа направени со градежните активности. 

Станува збор за сечење на постоечкиот асфалтен слој покрај работ на коловозот во должина од околу 1.600 метри, по што ќе следи комплетно асфалтирање на новата, проширена површина од улицата. Реконструкцијата е во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта и ЈП Македонијапат.

Со реализација на проектот „Изградба на тротоар на улица Илинденска", чија вредност е околу 6 милиони денари, значително се зголемува безбедноста на пешаците, а истовремено се уредува главниот сообраќаен влез на општина Зрновци. та/дма/

фото: МИА

Остани поврзан