• недела, 22 декември 2024

Во новата учебна година ОУ „Раде Кратовче“ од Кочани ќе организира продолжен престој за учениците

Во новата учебна година ОУ „Раде Кратовче“ од Кочани ќе организира продолжен престој за учениците

Кочани, 24 јули 2024 (МИА) – Основното училиште „Раде Кратовче“ од Кочани доби согласност од Министерството за образование и наука за организирање продолжен престој за учениците во учебната 2024/2025 година. Барањето што било испратено кон крајот на минатиот месец веќе е одобрено и ќе се применува од оваа есен.

Со продолжениот престој во училиштето ќе бидат опфатени вкупно 30 ученици, односно по 15 момчиња и девојчиња и тие ќе следат настава на македонски јазик од прво до трето одделение во една комбинирана паралелка.

 

-Согласно Законот за основно образование, исполнети се условите за организирање на продолжен престој, а за што не се потребни дополнителни финансиски средства од буџетот на ресорното министерство. Во барањето што е доставено, се нагласува дека ОУ „Раде Кртовче“ веќе има обезбедено соодветни просторни услови и наставен кадар од старо финансирање, информираа од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Според законските одредби, училиштата можат да организираат продолжен престој за учениците во групи, и тоа од прво до петто одделение со ученици од исто одделение или од прво до трето и од четврто и петто одделение со ученици од различни одделенија.

За вклучување во училишните активности со продолжен престој за секој ученик поодделно треба да се добие согласнот од неговиот родител или старател.

Одделението за јавни дејности на Општина Кочани веќе доставило известување за добиената согласност до општинскиот Совет, кој ќе треба да го разгледа на седница што ќе се одржи на крајот на овој месец. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан