Во Неготино координативен состанок за спроведување на мерките за превенција од коронавирус
- Во Неготино се одржа координативен состанок за доследно почитување на мерките за превенција од коронавирус, соопштуваат од неготинската општина. На состанокот биле присутни претставници од ин
Неготино, 15 март 2020 (МИА) - Во Неготино се одржа координативен состанок за доследно почитување на мерките за превенција од коронавирус, соопштуваат од неготинската општина. На состанокот биле присутни претставници од институции, воспитно-образовни установи, ЈЗУ „Здравствен дом “, Полициска станица Неготино, ЈП „ Комуналец “ Црвен Крст, Противпожарна единица, претставници од Советот на општината.
- Согласно добиените информации од одговорните од секоја од установите, а следејќи ги мерките на Владата на Република Северна Македонија, донесени се дополнителни заклучоци, препораки и апел кон локалното население за целосно и доследно почитување на неколку мерки. Да не се шири паника и страв меѓу локалното население, бидејќи во Неготино во моментов нема заразен од коронавирусот и да се придржуваме кон мерките и правилно да ги применуваме, информираат од општината.
Со цел поголема превенција на повозрасните граѓани кои спаѓаат во ризичната група, формиран е мобилен тим за помош кој ќе пазари наместо постарите и изнемоштени лица. Секој граѓанин од наведените категории кој ќе има потреба од набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена, ќе може да се јави на телефонскиот број 043/ 361 045.
- Сите институции и приватни фирми од општина Неготино да користат средства за редовна дезинфекција и хигиена за вработените, за странките кои доаѓаат од надвор и да одржуваат редовна хигиена и дезинфекција на просториите. Одговорните на воспитно-образовните установи и училиштата да воспостават посилна координација со родителите на децата и учениците и да апелираат на изолација во домашни услови, појаснуваат од прес службата на општина Неготино.
Меѓу мерките е и таа, локалното население да се едуцира за правилно користење на маски, ракавици и други заштитни средства, преку делење на едукативни флаери и преку социјалните мрежи.
За пријавување на лица кои доаѓаат од критични подрачја а не се самоизолирале, граѓаните може да пријават на телефоните на полицијата. ПЕ на Министерството за економија е задолжено да преземе засилена инспекциска контрола, а Црвениот Крст да ги разгледа можностите за преземање на поинтензивни активности во правец на поголемо информирање и поголема превентивна заштита на локалното население.
-Трговците и другите продавачи за време на пазарните денови задолжително да користат заштитни дезинфекциони средства, а такси превозниците и другиот локален превоз на патници да ги редуцира линиите и истовремено да врши редовна дезинфекција во превозните средства. Посебно се потенцира за засилена и редовна дезинфекција и заштита на работниците кои се превезуваат со автобусите на работа во Дрекслмајер Кавадарци, како би се намалил ризикот и можноста за евентуална зараза. Секоја институција да направи тампон зона за прием на странки и документи. ПС ОН Неготино да има засилена контрола на влезовите и излезите од градот, да спречува собирање на големи групи на млади на јавни места, паркови, бензински пумпи и слично. ,,Комуналец и ТППЕ да вршат редовно миење и дезинфекција на фрекфентните улици во општината. Локалното население да ја подигне јавната чистота преку сопствено делување и грижа за животната средина. Редовно проветрување, чистење и хигиена во просторот во кој се престојаува или работи подолго време, стои во мерките.
Се апелира населението доследно да ги почитува мерките на Владата, а посебно мерката за самоизолација.
- Согласно мерките на Владата, физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваат препораките, ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, додаваат оттаму. свд/