• вторник, 24 декември 2024

Во Музејот на македонската борба почнува фестивалот „Златна лира“

Во Музејот на македонската борба почнува фестивалот „Златна лира“
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Фестивалот на камерна музика „Златна лира“ почнува вечер во Музејот на македонската борба со концерт на сопранот Биљана Јосифов, во пијано придружба на Иван Еминовиќ. Овој фестивал традиционално секоја година во октомври го организира Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Програмата на концертот е посветена на оперското творештво на Волфганг Амадеус Моцарт, а публиката ќе има можност во изведба на Јосифов и Еминовиќ да слушне арии од познатите опери „Свадбата на Фигаро“, „Така прават сите“, „Бастиен и Бастиена“, „Идоменео“ и „Дон Џовани“. Биљана Јосифов дипломира и магистрира соло пеење на ФМУ во Скопје со посебна почест – cum laude (класа на проф. Славица Петровска – Галиќ) Нејзината досегашна биографија ги вбројува следните улоги: Бастиена во операта „Бастиен и Бастиена“, Втора дама во „Волшебната флејта“ на Моцарт, Јованче во детската опера „Јованче и Марика“ на Хумпердинк, Антонија во „Хофманови приказни“ на Офенбах, Фиордилиџи во „Така прават сите“ на Моцарт, Жувено во „Адриана Лекуврер“ на Чилеа, Виолета во „Травијата“ и Чепрано во „Риголето“ на Верди, Розина во „Севилскиот бербер“ на Росини, Кристин во „Фантомот на операта“, Музето во „Боеми“ на Пучини, Неда во „Палјачи“ на Леонкавали и други. На сцена ги одигрува и улогите на Дона Ана во „Дон Џовани“, Рада во „Змејовата невеста“, Придружната дама во „Магбет“, Маргарита во „Фауст“. Во 2017 година ја изведува сопранската соло делница во Деветтата симфонија на Бетовен. Роден во Скопје, Иван Еминовиќ започнува да изучува музика на шестгодишна возраст, прво на Одделот по пијано во Нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Како пијанист одржал повеќе концерти низ земјава и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија (Државен музички натпревар во Скопје, меѓународниот натпревар во рамките на фестивалот „Интерфест“ – Битола,  фестивалот ЕРТА во Осијек, Хрватска и други). Во јули 2018 диригира со Сараевската филхармонија по повод отварање на Башчаршиски ноќи во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќи продукции на Македонската опера и балет меѓу кои Травијата, Набуко, Дамата со камелии, Кармина Бурана, Севилски бербер, Кавалерија Рустикана, Жизел, Риголето, Евгениј Онегин, Адриана Лекуврер, Дон Џовани, Турандот, Реквием – Моцарт, како и многубројни концерти. Фестивалот ќе трае до 31 октомври. Влезот е слободен. бт/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан