• петок, 22 ноември 2024

Во Лешочкиот манастир се одбележа празникот Рождество на Пресвета Богородица

Во Лешочкиот манастир се одбележа празникот Рождество на Пресвета Богородица
Тетово, 21 септември 2021 (МИА) - На празникот Рождество на Пресвета Богородица, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф присуствуваше на света литургија во манастирската црква посветена на Пресвета Богородица од 14 век при Лешочкиот манастир. По литургијата владиката одржа и беседа за големото значење на празникот. - Прославувајќи го нејзиното рождество, да не заборавиме дека света Богородица со нејзините подвизи и послушност на волјата Божја ги надминува сите небесни ангелски сили. Нејзината сила и моќ е неопходно потребна на сиот човечки род. Таа има сила и можност да се застапува за нас и да ги принесува сите наши молби и прозби кои ги упатуваме кон Севишниот Бог. Да се помолиме таа да се застапи за исполнување на нашите молби, и тоа на оние кои вистински ни се потребни и не водат кон спасение, истакна г. Јосиф. По литургијата надлежниот митрополит со парохискиот свештеник ги благослови и прережа кумските лебови. Православните храмови во тетовско посветени на Света Богородица од кои дел и одбележуваат црковна слава се и црковни храмови во Беловиште, Сараќино, Сетоле и Тетово. ас/мс/

Остани поврзан