• четврток, 19 декември 2024

Во Крушево отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“

Во Крушево отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“

Крушево, 2 август 2021 (МИА) - Со читањето на Манифестот, со подигнување на државното знаме, синоќа на Гумење во Крушево беше отворена манифестацијата „10 дена Крушевска република“.  

Пред бројните посетители, крушевскиот градоначалник и претседател на манифестацијата Томе Христоски рече дека со манифестацијата го промовираме нашето историско и културно наследство.

-Пред нас е уште еден Илинден, уште 10 дена слобода и живеење во духот на слободата и победата на македонскиот народ. Пред нас се денови кои ги исполнивме со програма за да го одбележиме и промовираме нашето историско и културно наследство и да привлечеме посетители пред кои дополнително ќе ги претставиме нашите автентични вредности, верувања и заложби, рече Христоски.

Напоменувајќи дека се реализираат повеќе проекти осовременување на животот во историско и туристичко Крушево, Христоски со порака за достоинствено чествување на големиот Илинден.

-Да го празнуваме празникот одговорно и достоинствено. Да бидеме вистински патриоти со тоа што ќе го испочитуваме залогот на Илинденците и ќе покажеме меѓусебно разбирање и поддршка. Вистински патриотизам е кога го почитуваш соседот, кога работиш заедно со граѓаните, кога стоиш гордо пред државното знаме, рече Христоски на отворањето на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“.

Првпат беше претставена видео-презентација на преку 300 документи, списи, фотографии, досега необјавени од Илинденскиот период, а се дел од ризницата на Државниот архив, заедно со одделенијата во Прилеп и во Битола.

Во Крушево се и над 50 илинденски коњаници кои со децениска традиција за празникот стигнуваат во Крушево за да им оддадат почит на илинденците, на идеалите за своја држава и за достојно празнување на големиот Илинден 1903 и создавањето на Крушевската Република.

Отворањето на манифестацијата беше збогатено со огномет, со настапот на составот „Љубојна“, а не изостана ниту традиционалниот импровизиран напад на Крушево како потсетување на славните илинденски денови.

Во 10-дневното одржување, Манифестацијата ќе понуди бројни настани кои ќе ги нагласат историскиот и туристичкиот континуитет на Крушево. ем/ац/

Остани поврзан