• вторник, 19 ноември 2024

Во Крушево маратонците и обожавателите одбележаа 17 години без Тоше Проески

Во Крушево маратонците и обожавателите одбележаа 17 години без Тоше Проески

Крушево, 16 октомври 2024 (МИА) - Бројни поддржувачи и почитувачи на Тоше Проески од земјава,  од Србија, Турција, Хрватска, Бугарија, Полска денеска беа во Kрушево, на Гумење пред вечното почивалиште на Тоше Проески, да се сеќаваат и да му оддадат почит. На пладне пристигнаа и 14-те маратонци кои по 17-ти пат го истрчаа ултрамаратонот од Нова Градишка, Хрватска, каде Тоше на 16 октомври 2007 година го загуби животот во сообраќајна несреќа.

-По 17-ти пат го истрчавме маратонот. За Тоше. Фала му на Бога, Фала му на Тоше што нѐ чуваше, времето не послужи, сите здрави и живи пристигнавме на Гумење во Крушево. Ова е за Тоше, секогаш велиме и се надевам ќе нѐ чува здравјето до 26-тиот маратон, потоа ќе видиме, рече маратонецот Наум Капричевски.

Мартин Трајановски првпат се придружи во маратонот.

-Првпат годинава го истрчав маратонот. Многу чувства, емоции. Ова може само да се доживее, не може да се прераскажува, рече Трајановски.

Поддржувачите на Тоше од повеќе земји докажаа дека сеќавањата и почитта за Тоше Проески не бледнеат.

-Секогаш сум во Крушево. Годинава и четирипати. Ги испратив маратонците од Хрватска, ги пречекав овде на Гумење во Крушево. Тоше вечно ќе живее во срцата на сите оние што го сакаат. Неговите песни придонесуваат за таа додатна димензија. Кога го нема, а го слушаме, ние визуелизираме, се присетуваме на она што се случуваше, рече Стела Прислан Фуст од Хрватска.

Бојан Тодоровски од Битола со свој подвиг. За да биде на вечното почивалиште на Тоше возел утрото два часа со мотоцикл, при рака носејќи гориво за мопедот.

-Тоше ни недостасува. Секој ден, сѐ повеќе и повеќе. Ги купував сите песни на Тоше, мојата соба е полна со негови фотографии и постери. Ми недостасува, рече Тодоровски.

Текстописецот Огнен Неделковски смета дека има уште песни на Тоше необјавени. Посакува наскоро да има документарен и филм за Тоше.

-Има уште многу песни од Тоше кои се пронајдени во неговиот компјутер, кои треба да се снимаат. Дел од нив треба да ги испее внукот на Тоше, Кристијан, дел други изведувачи. Се надевам дека тие песни ќе ги слушне македонската и балканската јавност. Се надевам дека еден ден ќе се сними документарен филм и серија за Тоше зашто тој го заслужува тоа, рече Неделковски.

И денеска бројни посетители влегоа во Спомен-куќата на Тодор Проески на Гумење. Според директорката Лефкија Гажоска, првпат дел од музејската поставка  ќе биде претставена во Загреб, Хрватска наредниот месец.

-На 10 и 11 ноември ќе бидеме во Загреб, Хрватска каде ќе ја видат облеката што Тоше ја носеше на четирите концерти во Хрватска, како и неговите гитари. Ќе биде готов и постерот за сето тоа да го видат хрватските фанови кои не можеа да стигнат во Крушево, рече Гажоска.

Во организација на крушевското Средно училиште „Наум Наумоски-Борче“ и на Општината и годинава се обезбедија 500 рози кои ги добија маратонците и посетителите во чест на Тоше Проески. Крушевските ученици на Гумење ги пееја песните на Тоше. ем/мд/

фото: МИА

Остани поврзан