• вторник, 05 ноември 2024

Во Кривичен се испитуваат сведоци за случајот „Жан Митрев“

Во Кривичен се испитуваат сведоци за случајот „Жан Митрев“

Скопје, 16 јуни 2023 (МИА) – Со сослушување на сведоци, предложени од обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Жан Митрев“.

На прашања од јавната обвинителка, Искра Хаџи Василева, првиот сведок чиј татко починал при лекувањето од коронавирусот во болницата „Жан Митрев“, изјави дека првиот впечаток ѝ бил, како што рече, дека тоа е една од најдобрите болници. Таа раскажа дека при приемот на нејзиниот татко ѝ било укажано дека мора истиот ден да ја уплати првичната сума за лекување. 

- Тоа што најмногу ме погоди е тоа што татко ми имаше очајна потреба од кислород, никој одозгора не се симна да праша каква е ситуацијата, дали има потреба од поддршка, не беше уредно преземан, само ги дадов парите и чекав на ладно парите да бидат процесирани, рече таа, дополнувајќи дека после половина час се јавиле дека ќе го преземат и притоа, како што рече, никој не ѝ кажал каде го носат, изјави сведокот.

Според сведокот, тоа било последниот момент кога го видела татко ѝ жив, а при телефонски разговор со него, цитираше дека ѝ рекол „оставен сум на страна да умрам, спремајте се за најлошо, тука се сите растрчани, титкаат апарати и никој не знае што прави“.

Прашана дали имала некаква информација за текот на лекувањето, таа рече дека од болницата немала никаква информација, каде е сместен, што се прави.

- Дома со мајка ми полудевме. Ѕвонев на фиксните телефони, не ми се јавуваа, ѕвонев по други лица, аман да се јави некој, јас не знаев во каква состојба е татко ми ниту кој го лечи, рече таа.

Сведокот рече дека од болницата не побарале претходна согласност за методата што се спроведувала во лекувањето на нејзиниот татко и дека за многу работи дознала од отпусното писмо кое, како што рече „сама го побарав, го примив после недела дена и по разговор со други лекари кажаа дека тука многу нешта како протоколарни фалат“.

На вкрстено испрашување од бранителот на обвинетиот Жан Митрев, адвокатот Никола Додевски, сведокот изјави дека никогаш во животот го нема сретнато д-р Жан Митрев ниту дека разговарала со него преку телефон. 

Прашана дали со фактот што го однела нејзиниот татко во најсовремена европска болница, а не била медицинско лице, била согласна да се лечи со сѐ, таа одговори не.

- Не, затоа што не бев претходно известена што ќе применат, иако не сум медицинско лице имам право да знам што ќе се применува, рече таа.

Прашана дали при плаќањето знаела дека остава и депозит за хемофилтрација, таа одговори да.

- За да хемофилтрацијата биде употребена доколку е потребна, а доколку не, се враќа депозитот, рече таа.

Потоа, при директно испитување од одбраната, сведокот изјави дека за услугата во болницата платила 18 илјади евра. 

Прашана дали кога ѝ бил земен депозитот ѝ било објаснето дека има и попуст за вкупниот број на услуги кои ќе бидат пружени, таа одговори дека не.

- Отидов на шалтер и ја платив сумата, а дали ќе има попуст или не, не знам, рече сведокот.. 

Судењето продолжи со сведочење на друга оштетена чиј што сопруг, исто така, починал при лекувањето во болницата.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева. ар/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан