• сабота, 21 декември 2024

Во Кривичен продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Во Кривичен продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Со испитување на сведоци на предлог на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. На денешното рочиште ќе бидат испитувани сведоците Музафер Калишиќ и Ристе Самарџиев.

На минатото рочиште во понеделникот сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков. 

Мајката на убиената Вања Ѓорчевска изјави дека не ги познава обвинетите за убиството на нејзината ќерка. На расправата таа сведочеше за денот кога нејзината ќерка исчезнала и потрагата по неа.

Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека го нема Жежовски, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.

Адвокатот Марјан Витановски, бранител на првообвинетиот Љупчо Палевски за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по рочиштето изјави дека исказот на мајката на Вања, не може да се доведе во поврзаност со конкретните кривични дела кои му се ставаат на товар на првообвинетиот Љупчо Палевски, додека адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е исто така осомничен во случајот, вели дека со исказот на Зорица Ѓорчевска се расчистиле сите шпекулации.

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие се сомничат дека испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22 ноември минатата година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. ар/бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан