• понеделник, 23 декември 2024

Во Кривичен продолжи испитувањето на сведоци за случајот „Жан Митрев“, следно испитување на 4 септември

Во Кривичен продолжи испитувањето на сведоци за случајот „Жан Митрев“, следно испитување на 4 септември

Скопје, 4 јули 2023 (МИА) - Во Основниот кривичен суд - Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Жан Митрев” со сведочење на сведоците кои се чувствуваат оштетено во однос на лекувањето на нивни блиски луѓе во клиниката в за време на пандемијата. Судењето со испитување на сведоците ќе продолжи на 4 септември.

За време на денешното судење, двајца сведоци одговараа на прашања поставени од страна на обвинителството и одбраната околу процедурите и начинот како стигнале до лекување на нивните блиски во клиниката на Жан Митрев, со посебен акцент во однос на спроведување на хемофилтрација.

Предметот е оформен по допрен глас, откако минатата година се објави документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

Како што информираа од ОЈО - Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.

Судот одлучи судењето да продолжи со испитување на сведоците на 4 септември во 10 часот. сх/цр

Фото: МИА

Остани поврзан