• петок, 22 ноември 2024

Во Катар погребан убиениот водач на Хамас, илјадници верници се молеа за него

Во Катар погребан убиениот водач на Хамас, илјадници верници се молеа за него

Доха, 2 август 2024 (МИА) - Илјадници верници се молеа денеска во големата џамија во Доха, Катар, во чест на убиениот политички лидер на Хамас Исмаил Ханија, додека Иран и неговите сојузници се подготвуваат за одговор на неговото убиство кое се припишува на Израел.

Ханија, кој беше убиен во средата во Техеран, беше погребан на гробиштата Лусаил, близу Доха, на приватна церемонија, објави неговото семејство на мрежата Икс (поранешен Твитер).

Политичкиот водач на Хамас, кој живееше во егзил во Катар, играше клучна улога во индиректните преговори меѓу Израел и палестинското исламстичко движење, обидувајќи се да се постигне примирје во војната во Газа.

Катар, главната посредничка земја, го преиспитува своето посредување по убиството на Ханија, кое предизвика повици за одмазда.

Иран, Хамас и Хезболах го обвинија Израел за убиството, кое се случи ден по израелскиот напад во кој беше убиен воениот водач на либанскиот исламски Хезболах, Фуад Шукр, во предградие на Бејрут.

Тие два напади ги разбудија стравувањата од проширување на војната на целиот Блиски Исток, со Израел на една страна и Иран и групите кои тој ги поддржува во Либан, Сирија, Ирак и Јемен на друга.

Утрово телото на Ханија беше пренесено во најголемата џамија во Доха каде верниците носеа палестински знамиња или куфии пред да биде пренесено ковчегот кон гробиштата.

Турција и Пакистан прогласија ден на жалост.

Шеесет и едногодишниот Ханија беше убиен во средата „со воздушен проектил“, соопштија локалните медиуми, во една од резиденциите на северот на Техеран откако присуствуваше на инаугурацијата на претседателот на Иран Масуд Пезешкијан.

Иран, Хамас и либански Хезболах го обвинија Израел за неговото убиство, но израелската војска тврди дека таа ноќ извршила само еден удар на Блискиот Исток и дека во тој удар бил убиен Фуад Шукр, воениот лидер на Хезболах, во јужните предградија на Бејрут.

Но, според „Њујорк тајмс“, кој се повикува на пет анонимни функционери од блискоисточни земји, Ханија бил убиен со бомба поставена два месеци порано во резиденцијата каде што престојувал под заштита на чувари.

- Израел не знае кои црвени линии ги преминал, изјави вчера лидерот на Хезболах Хасан Насралах за време на погребот на Фуад Шукр, заканувајќи се на Израел со „неизбежен одговор“.

Синоќа таа организација објави дека испукала десетици ракети кон северот на Израел.

Иранската новинска агенција Фарс денеска инсистираше дека резултатите од истрагата утврдиле дека Исмаил Ханија бил убиен со проектил и дека улогата на „ционистичкиот режим“ во тој случај е непобитна.

Проиранскиот Хезболах, сојузник на Хамас, секојдневно разменува оган со израелската војска долж либанската граница од почетокот на војната во Појасот Газа, предизвикана од ненадејниот напад на палестинската организација врз Израел на 7 октомври минатата година.

Иранскиот врховен лидер ајатолах Али Хамнеи му се закани на Израел со сериозна казна и изговори молитва за мртвите пред ковчегот на Ханија и неговиот телохранител покриени со палестинското знаме.

Бунтовниците Хути, исто така поврзани со Хамас, најавија воен одговор на „опасната ескалација“.

„Њујорк тајмс“ пишува, повикувајќи се на тројца неименувани ирански функционери, дека Хамнеи на итен состанок на Врховниот национален совет за безбедност во средата дал наредба директно да се нападне Израел како одговор на убиството на Ханије. ссм/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан