• недела, 07 јули 2024

Во Кавадарци проверена исполнетоста на предусловите за отпочнување со изградба на Стационарот за згрижување на бездомни миленици

Во Кавадарци проверена исполнетоста на предусловите за отпочнување со изградба на Стационарот за згрижување на бездомни миленици

Кавадарци, 26 април 2023 (МИА) - Во Кавадарци денеска беше проверена исполнетоста на предусловите за отпочнување со изградба на Стационарот за згрижување на бездомни миленици. За ова денеска информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев, по состанокот со директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Никола Бабовски и неговиот стручен тим.

Пред неколку дена, од страна на градоначалниците на општините од Тиквешијата, јавноста беше информирана дека е потпишан договорот за изградба на „Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во Вардарскиот плански регион“, помеѓу Центарот за развој на Вардарски плански регион и изведувачот на работите, „АС машини“ Кавадарци.

Локацијата на објектот на „Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство“ е на парцела во општина Кавадарци, во населба Глишиќ, на површина од 5.470 квадратни метри,  наменет за сите девет општини од Вардарскиот плански регион. 

Финансиската конструкција на овој проект изнесува 14.892.319 денари. Дел од средствата во висина од 5.119.385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а дел од средствата во висина од 9.772.933 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа. 

Согласно динамиката за изведување на градежните работи, објектот треба да биде готов во наредните шест месеци. 

Деветте општини во Вардарскиот плански регион усвоија модел за управување и организациона поставеност на прифатилиштето на регионално ниво, преку кој секоја општина обезбеди дополнителни средства за оперативни трошоци за работење на центарот.

Проектот, покрај изградбата на објектот, ги опфаќа и активностите, набавка на опрема и возило во рамки на стационарот, изработка и развој на веб сајт со дефинираните модули „Пријави бездомни животни и локација“ и „Вдоми милениче!“, како и систем за следење и регистрација на бездомни животни, активности за ветеринарен третман на бездомните животни и маркетинг активности за подигнување на свесноста, за вдомување на третирани бездомни животни.

Предвидените активности во рамки на проектот, треба да бидат реализирани до крајот на 2024 година.

„Регионален центар за грижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во Вардарски плански регион“ се однесува на хуман третман на животните, со директно влијание врз здравјето и безбедноста на луѓето. свд/бд/

Фото: Општина Кавадарци 

Остани поврзан