• понеделник, 23 декември 2024

Во земјава пристигнуваат 20.000 вакцини од Грција

Во земјава пристигнуваат 20.000 вакцини од Грција
Атина, 15 јуни 2021 (МИА) - Вакцините кои Грција ги најави како помош за Северна Македонија, денеска се очекува да пристигнат во Скопје. Станува збор за донација од 20.000 дози „Астра Зенека“, јави дописничката на МИА од Атина. Како што вчера објави МИА, информацијата од Атина ја потврдија и од Скопје, а министерот за здравство Венко Филипче, синоќа, преку Фејсбук за донацијата коментираше дека е „одлична вест од соседна Грција“ и му се заблагодари на грчкиот народ. - Оваа донација е многу значајна за нас и би сакал да изразам голема благодарност до грчкиот народ и до амбасадорот на Република Грција кај нас, Н.Е. Русос Кундурос. Пристигнувањето на новите дози на вакцини се одвива навремено и согласно ова имунизацијата има одличен тек. Апелирам што поголем број граѓани да се пријават на vakcinacija.mk, напиша на Фејсбук доцна синоќа министерот Филипче. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на крајот од мај од Брисел најави дека се разгледува можноста за директна билатерална помош за соседните земји, а неколку дена подоцна министерот Филипче соопшти дека Северна Македонија очекува 70.000 дози вакцини, од кои 50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција. Портпаролката на грчката Влада, Аристотелиа Пелони на почетокот на месецов, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на редовниот брифинг со новинарите, потврди дека Грција во координација со Европската комисија, ќе испрати по 20.000 дози од вакцините за Северна Македонија и Албанија. Вакцините од Атина за Тирана беа испратени вчера, а пратката за Скопје ќе пристигне денеска. Министерството за здравство синоќа информира дека вчера во земјава пристигнала нова пратка од вкупно 12.870 дози вакцини „Фајзер“, додадвајќи дека станува збор за редовната пратка која земјата ја добива секој понеделник. Од вакцините, 8.190 дози се од билатералниот договор со производителот „Фајзер“, а  4.680 во рамките на програмата „Тим Европа“. ср/сп/

Остани поврзан