• понеделник, 23 декември 2024

Во Замбија повторно приведени четирите двојки од Хрватска, кои се обидуваа да посвојат деца

Во Замбија повторно приведени четирите двојки од Хрватска, кои се обидуваа да посвојат деца

Лусака, 7 февруари 2023 (МИА) - Одделот за имиграција на Замбија повторно ги уапси осуммината Хрвати, само еден ден откако беа отфрлени обвиненијата за трговија со луѓе, соопштија денеска хрватските медиуми.

Судот во Ндола, Замбија вчера го отфрли обвинението против хрватските државјани за трговија со деца и наложи тие да ја напуштат земјата во рок од 48 часа. Но денеска, откако уредно се чекирале на аеродромот, и на самиот излез кон авионот, биле запрени и повторно уапсени по наредба на Националното обвинителство (НПА).

Службеникот за односи со јавноста на Одделот за имиграција, Намати Ншинка, го потврди апсењето на двојките од Хрватска. - Можам да потврдам дека осум Хрвати се повторно уапсени. Добивме налог од НПА за ново апсење, рече Ншинка, пренесува агенцијата Мвебанту преку објава на Твитер.

Засега не е познато зошто се тие повторно уапсени.

Четири двојки од Хрватска беа уапсени на почетокот на декември на аеродромот во Ндола, третиот по големина град во Замбија, под сомнение за трговија со луѓе, односно поради сомнение за валидност на документите за посвојување малолетни деца од ДР Конго.

Тие беа обвинети за обид за трговија со луѓе и фалсификување документи. Пред две недели беа пуштени од притвор да се бранат од слобода откако ги исполнија сите услови поставени од судот. Откако вчера беше отфрлено обвинението, им беше наложено да ја напуштат Замбија во рок од 48 часа.

Се уште не се знае што ќе биде со децата кои четирите двојки ги посвоија, а кои им беа одземени по подигнувањето на обвинението. ссм/ 

 

Остани поврзан