• среда, 27 ноември 2024

Во Загреб уметничка вечер посветена на творештвото на Томислав Османли

Во Загреб уметничка вечер посветена на творештвото на Томислав Османли

Скопје, 26 април 2023 (МИА) - Уметничка вечер посветена на творештвото на македонскиот писател Томислав Османли се одржа синоќа во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб.

За творештвото на Османли се осврна Наталија Поповска, која и беше иницијатор и организатор на  настанот. Книжевната вечер се одвиваше под медијаторство на македонистот проф. д-р Ивица Баковиќ, раководител на Катедрата за македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Загреб.

Прозниот опус на нашиот писател и драмски автор го претстави писателот и режисер Матко Сршен, професор на Факултетот за драмски уметности во Загреб. Професорот Сршен при тоа фокусираше две дела на Османли. Тоа се антивоената пиеса „Апокалиптична комедија“, која во превод на книжевниот теоретичар, македонистот проф. д-р Златко Крамариќ беше објавена во престижното списание „Књижевна ревија“ на „Матица Хрватска“ од Осијек и романот „Дваесет и првиот“ кој по добивањето на нашата награда „Роман на годината“ токму во Хрватска ја имаше првата од серијата понатамошни меѓународни објави, во книгата која во превод на македонистот проф. д-р Борислав Павловски, ја издаде загрепски „Сандорф“.  

Пред присутните се претстави и авторот на книжевната вечер, осврнувајќи се на мотивите за своите повеќекратни креативни интересирања и творби во прозата, филмската и театарска драматургија, есеистичките и теоретски книги и објави. Томислав Османли говореше за етичките аспекти на  своето книжевно кредо. 

На загрепската авторска вечер посветена на Томислав Османли настапи пијанистот Виктор Рафајловски, а фрагменти од делата на нашиот автор читаше младата Лутиен Л. Крстевска. мд/са/

Фото: Томислав Османли 

Остани поврзан